ГРАЃАНСКАТА ПОСЛУШНОСТ или Како се создаваат автократии
Љубомир Д. Фрчкоски
Зошто политичкото знаење толку често не успева да произведе политички последици?

Мојот основен аргумент во оваа колумна, драги мои, ќе биде дека политичката борба за демократијата и владеењето на правото, бара не само разоткривање на фактите, вистината и реалноста како таква наспроти лагите на властите, туку клучно е обновување на можноста за политички последици од тоа знаење и борба – односно способноста за мобилизација и дејствување во насока на промени на режимот кој го мразите.
За тоа да се постигне важно е да се разбере каква е таа пасивност (со кој нов квалитет) на граѓанството и кога знае дека власта е слаба, лаже и краде, а сè уште не дејствува, нема мотив, наводно тоне во разочарувања, овозможува корумпираната власт да продолжи да владее лошо и на штета на сите.
Повторно, за тоа ни треба еден нов поим кој оди напред и пошироко од досега познатите поими на: гола пасивност од незнаење, пасивност од идеолошка индоктринација или разочарување од алтернативите, цинизам на интелектуалците и дистанцата која тој ја создава или хипокризија на ѓоа-умните: едно велиш – друго правиш. За таа намена јас го предлагам поимот ГРАЃАНСКА ПОСЛУШНОСТ.
Граѓанската послушност е афективна и дискурзивна практика преку која субјектите/граѓаните придонесуваат режим во кој неверуваат сепак да стане – траен. Нејзината карактеристична операција е политиката на “но“ или “ама”: признавање на корупцијата, насилството или институционалниот неуспех, по што следува оградување што ги суспендира последиците од она што веќе е спознаено.
Вообичаениoт вокабулар на демократско назадување, компетитивен авторитаризам, популизам и заробена држава покажуваат како извршната власт ги колонизира институциите, како партиските мрежи ги распределуваат ресурсите и несигурноста, како се преобликуваат медиумските екосистеми и како формалните демократски процедури можат да се зачуваат, додека нивната суштина постепено се празни.
Но, во овие анализи политичкиот субјект често останува необјаснет во доволна мера: практиките преку кои луѓето се приспособуваат на поредок во кој немаат доверба, како и афектите преку кои ова приспособување почнува да изгледа дури и разумно, зрело, заштитнички или едноставно неизбежно.
Ова поле на практики го нарекуваме граѓанска послушност.
Практиките на граѓанската послушност опфаќаат приспособување, иронична дистанца, селективно неверување, рационализација на репресијата и недоличното постапувањe (misconduct), снижување на очекувањата, стратешка зависност, задоволството од припадноста и префрлање на одговорноста врз сили што се доживуваат како премногу моќни или премногу нетранспарентни за да им се спротивставиме.
Субјектот може да го осудува постојниот поредок, а сепак да ги репродуцира условите што овозможуваат негово опстојување. Карактеристичната граматика на ова учество и приспособување е политиката на „но“ или ‚‚ама‚‚!
Првата дел на оваа политика признава одредена реалност; втората ги суспендира последиците што инаку би произлегле од тоа признание.
Да, институциите не функционираат – но (ама) барем има стабилност; да, владата лаже – но сите политичари лажат; да, ова беше насилство – но тие го испровоцираа; да, корупцијата е сеприсутна – но меѓународните сили и онака одлучуваат за сè; да, промените се неопходни – но промените само ќе ги влошат работите, да власта е лоша но,ама опозицијата е ‚‚бетер ‚‚и сл.
Сврзникот „но“ не го брише фактот, туку го преобликува неговото политичко значење. Она што е познато не се побива – туку му се одзема обврзувачката сила. Субјектот знае, но и покрај тоа продолжува да постапува на истиот начин.
Моја цел не е да дијагностицирам индивидуална патологија. „Но“ станува политичко/социјално кога циркулира во општеството, кога институционално се наградува и кога овозможува признавање на реалноста без преземање каква било одговорност или обврска што би произлегла од тоа признание.
На субјектот не му недостасуваат релевантни информации. Ниту, пак, станува збор едноставно за лицемерие, бидејќи две противречни позиции можат да опстојуваат истовремено, без едната нужно да ја прикрива другата. Знаењето опстојува, но му е оневозможено да го преобликува однесувањето. Поентата не е дека субјектот тајно верува во спротивното од она што јавно се кажува. Односно, прекината е врската меѓу знаењето и дејствувањето.
Изјавата на субјектот „Јас знам“ може да стане алиби. Таа ја истакнува неговата софистицираност и однапред го штити од обвинувањето за наивност, а истовремено го ослободува од обврската да постапува согласно со она што го признал.
Гледаме дека јавното потчинување кон власта не бара приватно убедување. Дејствувањето „како да“ или „но“ може да ја репродуцира доминацијата дури и кога официјалните тврдења се предмет на широка недоверба. Ритуалите на послушност ја демонстрираат способноста на моќта да ги натера луѓето да го изведуваат и практикуваат она во што самите не веруваат.
Политиката на „но“/‚‚ама‚‚ може да се манифестира во неколку форми:
– Првата е нормализацијата: да, но сите политичари се такви.
– Втората е компензациската размена: да, но за возврат добиваме стабилност… (Демократското назадување се претставува како цена што мора да се плати за некое друго, поитно добро.)
– Третата е симетрична деградација: да, но и опозицијата е иста…
Меѓу фактот и последицата постои простор во кој се обликуваат афектите, расудувањето и колективната способност за дејствување. Токму тој простор го зазема политиката на „но“/‚‚ама‚‚.
Под одредени услови, граѓанската послушност и политиката на „но“/‚‚ама‚‚ го стабилизираат автократскиот поредок (компетитивна автократија, хибридни режими сл.). Поредокот демонстрира дека е способен да ја апсорбира вистината за сопствената природа. Неговата трајност станува дел од доказот дека ништо не може да се промени. Граѓанската послушност придонесува еден поредок да опстојува, дури и кога не ја потврдуваат неговата легитимност, ниту веруваат во сликата што тој самиот ја создава за себе.
Во таа смисла, граѓанската послушност има две важни карактеристики:
– Прво, може да опстојува и без доверба во легитимноста или вистинитоста на власта.
– Второ, таа е продуктивна: субјектите не го поднесуваат само пасивно постојниот поредок, туку и самите придонесуваат за ширење на вредносните судови, афектите, зависностите и очекувањата преку кои тој поредок останува поднослив и во рамките на кој може да се продолжи со живеењето.
Додека клиентелизмот се осудува истовремено се бара услуга од партиски посредник за пристап до одредени услуги или можности како лична привилегија наместо како јавно право; преку ширење гласини што ја засилуваат претставата за сезнајноста на режимот; преку повлекување од колективни иницијативи пред нивниот неуспех да стане и личен неуспех; преку исмевање на оние кои сè уште очекуваат некој да понесе одговорност.
Ниту една од овие постапки сама по себе не е доволна за одржување на еден политички поредок. Нивата акумулација е она што го одржува.
Конечно, граѓанската послушност може да обезбеди чувство на припадност и истовремено да ги ослободи субјектите од одговорност.
Во Македонија граѓанската послушност имаа епохални димензии. Реформите се прифаќаат како неопходни, се најавува дека одговорноста допрва ќе биде утврдена, пристапувањето останува стратешки хоризонт, а институционалната обнова наводно е во тек.
Ништо не се отфрла директно. Сегашноста се организира како чекална, чија врата постојано е на повидок, но чие отворање секогаш може да се одложи.
„Да, но не сè уште“ ги суспендира очекуваните последици, без притоа да изгледа како да ги отфрла.
„Но“ ги преобликува расудувањето и временската димензија – времетраењето на очекувањето.
Граѓанската послушност го означува активното приспособување преку кое еден поредок во кој се нема доверба се одржува и станува траен. Политиката на „но“ идентификува еден од нејзините вообичаени механизми: признавање проследено со оградување, факт проследен со суспендирање на неговите импликации. Ваквата суспензија да стане поднослива и прифатлива за живеење???
Изгледа како човечкиот ум , умот на Македонецот да се претвора во бојно поле! Неговото сознание, меморијата, вниманието, расудувањето и способноста за планирање се третираат како територија за која треба да се води борба!
Кога ќе ја изгубиме смислата и вербата во можноста за промена, нашиот ум почнува да лута, а нашето доживување на реалноста се фрагментира. Сомнежот постепено прераснува во параноја – а тоа несомнено е триумф на авторитарниот поредок. Се случува да ги имаме непријателите и во себе и надвор од себе, но не и да го препознаеме самиот Поредок како таков.
Не се организираме за конфликт и мобилизација за промени, туку подлегнуваме на бавна, тивка ерозија на способноста да размислуваме, да планираме, да паметиме и да реагираме.
Можеме ли повторно да ги воспоставиме условите за концентрација, фокус, рамнотежа и пронаоѓање смисла во светот во кој сме постојано поврзани и изложени на информации? Можеме ли да продолжиме да поставуваме прашања и да бараме докази? Можеме ли да ја лоцираме пукнатината во системот на Поредокот и да ја искористиме како можност за дејствување и промена? Можеме ли да одбиеме да подлегнеме на паника и параноја, да се свртиме кон примарните извори и повторно да ги проверуваме сопствените белешки? Можеме ли да го зачуваме сопственото блиско опкружување (семејството, пријателите, групата, движењето) како основа за колективно дејствување? Можеме ли да ја проверуваме и потврдуваме довербата? Можеме ли да го одржиме притисокот, да останеме будни и внимателни, да размислуваме и да правиме планови?
Овие прашања ги надминуваат границите на Македонија, но за нас се егзистенцијално важни!






