На судењето на Ива Михаилова присуствувал бугарски пратеник кој фотографил за време на рочиштето, тврди братот на загинатиот во несреќата
И покрај барањето да учествува на судењето преку видеоврска, Ива Михаилова не се појави на рочиштето што на 9 ноември се одржа во Основниот суд во Кочани. Таа е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот во врска со несреќата кај Кочани, во која имаше смртни последици, а по неа е распишана меѓународна потерница откако станала недостапна за органите на прогонот.

Судот го одбил барањето на Михаилова за учество на расправата преку видеоврска, наведувајќи дека законските одредби не предвидуваат таква можност за обвинети лица. Одлуката не била променета ниту по жалбата што ја доставила адвокатска канцеларија од Бугарија.
По рочиштето, Бки Дурмиши, брат на загинатиот во несреќата, изрази незадоволство од текот на судската постапка и од начинот на кој вештаците на одбраната ги презентирале своите наоди. Тој посочи дека повторно било нагласено оти судирот се случил на страната на автомобилот во кој се наоѓал неговиот брат.
Дурмиши информираше и дека во судницата присуствувал бугарски пратеник, кој добил опомена откако со мобилен телефон фотографирал за време на судењето.
Следното рочиште е закажано за 27 ноември. На него се очекува да сведочат докторот кој ја извршил обдукцијата и вештаци ангажирани од одбраната. Судот треба да го разгледа и барањето на обвинителството за медицинско вештачење, како и да изведе дополнителни материјални докази.
Паралелно со судскиот процес, Михаилова се појави во подкастот на бугарскиот новинар Мартин Карбовски, објавен на 7 ноември под наслов „Сакаа да се откажам од бугарското во мене“. Во разговорот учествувал и нејзиниот адвокат Николај Димитров, а теми биле нејзиниот национален идентитет, судската постапка во Македонија и односот на институциите кон неа.
Михаилова во подкастот изјавила дека се чувствува како Бугарка, иако е родена во Македонија, и тврдела дека била изложена на притисоци поради јавното изјаснување за својата национална припадност.






