Нова Јалта во Абу Даби денес и утре?
Денко Малески
Денес и утре во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, се одржува трилатерален состанок помеѓу Америка, Русија и Украина во нов обид за постигнување мировен договор. Стив Витков и Џаред Кушнер, од американскиа страна, Владимир Медински од руска и Рустем Умеров од украинска, ќе отворат една сосема поинаква дебата која може да резултира со мир. Имено, новото на овој состанок е дека Америка се согласи да не се зборува за прекин на огнот и замрзнување на конфликтот туку го прифати руското барање да се отвори темата за корените на војната (root causes of the war).

Макар и имплицитното признавање дека ширењето на НАТО во Украина ја предизвика војната би бил драматичен пресврт во Западниот наратив за „со ништо непредизвикана руска агресија“. На дневен ред се и територијалното прашање, безбедносни гаранции за Украина и нјзина неутралност и нова безбедносна архитектура за Европа, како и можно примирје, хуманитарни прашања и обнова на Украина.
Вестите дека Франција или делегација на ЕУ во формат Франција-Велика Британија- Германија ќе бидат застапена на состанокот беа отфрлени од портпаролот на Путин Димитри Песков вчера. Дали ќе има и европско присуство макар во соседната соба останува да се види. Со својата воинствена политика и спремност да се бори до последниот Украинец и со блокирање на мировните планови на Доналд Трамо, ЕУ не заслужува ништо повеќе. Имено, стравот дека, ако седне на масата, ЕУ ќе расипе уште една можност за мир е многу реален. Едноставно, оваа генерација европски политичари кои како сеуште да живеат во униполарниот момент има ставено се на една карта изразена во два наративи: за „со ништо непредизвикана војна“ и „за правото на народите сами да одберат на кој сојуз ќе му припаѓаат“и одбиваат да ги прифатат безбедносните грижи на Русија визави НАТО проширувањето. Нова Студена војна меѓу трансатлантските сојузници , Америка и ЕУ, против Русија преку ширењето на НАТО во Украина е решението кое го сакаат. Го сакаат иако ја немаат таа воена сила да го спроведат без присуството на Америка на нашиот континент. Оттаму и понижувањето кое ќе го доживеат овие два дена во Абу Даби и потака доколку продолжат преговорите во зацртаната насока. Зеленски некни извика дека на Украина и се подготвува „нова Јалта“ во која големите сили ќе одлучуваат за нејзината судбина. Заборави дека судбината на Украина беше запечатена кога, на почетокот од конфликтот,во февруари 2022, не разбра дека големата сила Америка ќе стори се за да и помогне на Украина во ослабнување на ривалската голема сила Русија, освен да влезе во нуклеарна војна со неа. Неутрална Украина со автономија за руското население во Донбас ќе беше цела и денес, поштедена од војна и од стравотиите низ кои мораше да помине. Денес, само мировен договор може да ја поштеди Украина од губење уште територии се до пристанишниот град Одеса и нејзино претворање во дисфункционална држава-остаток.






