Македонија тагува по убиените жени, а Карпош се спрема за избор на мис – Бужаровска распали по Лукровски!

Откако Советот на Општина Карпош во петокот дискутираше по повод 50-годишнината од постоењето на општината да се организира манифестација „Мис на Карпош“, стигнуваат реакции дека манифестацијата доколку се одржи, ќе биде оспорена. Професорката и писателка Румена Бужаровска вели дека по смртта на Ивана и Катја во скопски Карпош, општината решила да го одложи панелот „семејното насилство – од закон до пракса“ што требало да се одржи на 9 март и никогаш не го презакажала.

Мис Карпош во време на фемициди. Градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски за 28 ноември, по повод прославувањето на 50 години Карпош, најави свечена завршница, избор на Мис Карпош.

Вчера во Скопје се одржа голем протест против фемицидите и системските пропусти што овозоможуваат да сме трети во Европа по убиени жени поради семејно насилство.

Во Карпош годинава трагично животите ги изгубија Ивана и Катја, по што општината реши да го одложи панелот „Семејно насилство – од закон до пракса“ што требаше да се одржи на 9 март. И никогаш не го презакажа. Но затоа, предлага избор на Мис Карпош.

Скандалозно е општината, во вакво ужасно време за жените, кои се половина нејзини жители, во време на протести, гнев и тага поради изгубените животи, да организира манифестација која во преден план го става оценувањето на младото женско тело и жените ги сведува на објекти чија убавина и привлечност треба да се оценува, вели Бужаровска.

Според неа, жителите на Карпош заслужуваат достојна прослава за педесеттиот јубилеј на општината и жителките од оваа општина не заслужуваат да бидат потценувани и изложувани на манифестација која во преден план го става оценувањето на нивната атрактивност.

„Да не зборуваме колку знаменити живи, починати, млади и возрасни уметници, музичари, писатели, глумци и режисери брои оваа општина и каква програма таа би можела да подготви која достојно ќе ја прикаже нејзината значајност.

На крај, Градоначалникот да не се сомнева дека нашиот оправдан бес нема да му ја расипе манифестацијата, доколку таа навистина се одржи. Многу сме, гневни сме, и доста ни е“, додава Бужаровска.

Инаку, градоначалникот Лукровски во петокот на седницата рече дека општината нема да го организира овој избор, туку дека тој бил иницијатива на модна агенција и посочи дека не може да ја сфати деструктивноста на некои советници за сѐ што ќе се направи.Вчера во Скопје се одржа протестен марш против фемицидот и насилството врз жените, организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ Повод за протестот е последниот случај на фемицид во Богданци, каде што седумнаесетгодишната Билјана Кириќ беше убиена од својот партнер, а нејзиното тело беше пронајдено во опожарен автомобил.

Пред да започне маршот, Елена Петрова, една од учесниците изјави дека институциите повторно потфрлиле во спречувањето на опасноста и дозволиле да се случи убиството на Билјана и потенцираше дека секое убиство на жена не е само насилство, туку е одраз на подлабок системски неуспех.

– Насилникот има историја на насилство. Кога девојче бара заштита и потоа е убиено, тоа е прашање на конкретна одговорност. Ова е фемицид. Секое убиство на жена не е само чин на насилство, туку одраз на многу подлабок неуспех на нашиот систем.

Уште колку семејства треба да завиеме во црно додека слушаме изрази на сочуство, осуди и ветувања, а истото продолжува да се повторува. Ова е машко и системско насилство – рече Петрова.

Back to top button
Close