Ахмети со емотивна порака по смртта на проф. д-р Зоран Спировски: Ќе остане запаметен по знаењето, професионалноста и посветеноста
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изрази длабоко жалење по повод смртта на проф, д-р Зоран Спировски, истакнат хирург и универзитетски професор, кој остави значајна трага во македонското здравство.

Во објава на социјалните мрежи, Ахмети истакна дека низ годините имал можност во повеќе наврати лично да се сретне со Спировски и одблиску да ја запознае неговата посветеност кон медицинската професија.
Тој нагласи дека професорот дал голем придонес не само во лекувањето на пациентите, туку и во образованието и стручното усовршување на бројни генерации лекари и специјалисти.
„Професор Спировски ќе остане запаметен по своето знаење, професионалност и посветеност, како и по трагата што ја остави кај своите пациенти, колеги и младите лекари на кои им го пренесуваше своето знаење и искуство“, напиша Ахмети.
Тој упати искрено сочувство до семејството, колегите и сите блиски на починатиот професор.
„Нека му е вечен споменот!“, порача Ахмети






