Автобус со 35 лица излетал од автопатот и се превртел во Хрватска, има загинати и повредени

Тешка автобуска несреќа со смртни последици се случила на автопатот А3 во Хрватска, каде што автобус излетал од патот и се превртел на делницата меѓу Иваниќ-Град и Загреб.

Според првичните неофицијални информации, во возилото се наоѓале 33 патници и двајца возачи. Несреќата има смртни последици, а има и повредени лица, но засега не е соопштен точниот број на загинати.

Очевидци опишуваат вознемирувачки сцени на местото на несреќата. Дел од повредените лежеле на тревата, покриени со ќебиња, додека спасувачките екипи им помагале. Од силината на ударот била оштетена заштитната ограда, а автобусот останал превртен на едната страна.

Командирот на противпожарните служби на Загрепската жупанија, Дарио Кезериќ, потврдил дека автобусот се превртел и дека на местото се присутни сите надлежни служби.

Во интервенцијата се вклучени 15 пожарникари со седум возила од три доброволни противпожарни друштва и јавни противпожарни единици.

Хрватскиот автоклуб информира дека несреќата се случила на 61. километар од автопатот А3, меѓу клучките Иваниќ-Град и Ругвица, во правец кон Брегана. Сообраќајот во тој дел се одвива по една лента, со ограничување на брзината од 60 километри на час.

Причините и околностите за несреќата сè уште се утврдуваат, а се очекуваат официјални податоци за бројот на загинатите и повредените.

Back to top button
Close