Остана ли некој во периметарот на Трамп?

Љупчо Поповски
Американците на среднорочните избори одлучуваа дали Соединетите Држави, 250 години по своето основање, воопшто ќе опстанат како демократија. Големиот заспан џин се разбуди.
Можеби некој од демократите во Америка би можел да му се обрати на Христијан Мицкоски за дозвола да го позајми неговиот слоган од пред 30 месеци кога велеше дека прв се наредил во редот во периметарот на Доналд Трамп. Затоа што немало втора шанса за прв впечаток. Демократите би можеле да го позајмат слоганот за да кажат дека тој периметар бил лажен, бил само балон, дека во него биле само технолошките милијардери и некои луѓе обземени да бидат дел од новата власт.
И дека во него веќе нема никој од оние во Европа што се колнеа во Трамп. Виктор Орбан беше не прв во редот, туку седеше заедно во клупата со Трамп (и одеше на аџилак во Мар-а-Лаго). Него го збришаа од власта во Унгарија во април годинава. На 25 октомври уште еден друг трампист беше збришан од власта – Александар Вучиќ. Малку претходно, еден жесток антитрампист, Инацио Лула да Силва спектакуларно го победи најголемиот трампист во Јужна Америка, Флавио Болсонаро, на претседателските избори во Бразил.
Навистина, има ли периметар? Кога Мицкоски беше во Вашингтон во јануари 2025 година на церемониите за инаугурацијата на Трамп и седеше на највисокиот балкон-ложа во една спортска сала, се фалеше дека таму бил во друштво со Мајкл Ватли, тогаш претседавач со Републиканскиот национален комитет, всушност на самата Републиканска партија. Истиот тој Ватли доживеа еден од најпонижувачките порази на изборите за Сенатот овој вторник во Северна Каролина.
„Жртвите“ од периметарот
Како беше поразен Ватли, „пријателот“ на Мицкоски? Во Северна Каролина, Трамп му се закани на републиканскиот сенатор Том Тилис со предизвик на внатрепартиските избори, откако Тилис не застана зад партиската линија и во периметарот на претседателот и гласаше против познатиот „Еден голем, прекрасен закон“. Тилис објави дека нема повторно да се кандидира, а Трамп лично го избра Мајкл Ватли, да се кандидира за тоа место. На еден митинг во таа држава минатиот месец, Трамп им рече на поддржувачите: „И знаете, му реков: ’Мајкл, би сакал да се кандидираш за Сенатот‘. Јас сум тој што го вовлече во ова. Се надевам, се надевам дека ќе успее“. Но не успеа. Ватли загуби со 800.00 гласови разлика и 20 проценти помалку.
Има и уште една „жртва“ од периметарот на Трамп – Дарлин Греам, сестрата на ненадејно починатиот сенатор Линдзи Греам. Претседателот изјави дека лично ја замолил Дарлин да се кандидира за тоа место за време на нејзината посета на Овалната соба. Тој се вмеша во примарните избори, Дарлин Греам победи со негова поддршка и тоа беше патот за нејзиниот пораз од демократската противничка во вторникот.
Има уште такви десетици, а можеби и стотина случаи со луѓе кои наводно беа во периметарот на Трамп (како Кен Пакстон во Тексас) и кои во вторникот беа збришани од синото цунами. Или подобро кажано – епска политичка промена и пресметка со една политика која се претставуваше како непобедива.
Ова лето, Доналд Трамп на социјалните мрежи објави документ од историчар, во кој тој е споредуван со личности како Наполеон Бонапарта и Адолф Хитлер. Колку тоа сега изгледа прикладно: американскиот претседател влезе целосно следејќи ги наводно своите инстинкти и самиот си ја предизвика сопствената пропаст.
Изборите во САД што се одржаа во вторникот претставуваа тежок пораз, вистински дебакл, па дури и настан што се граничи со политичко истребување. Тврдокорните републикански упоришта, кои некогаш важеа за „сигурни“, паднаа како домино-плочки.
„Тука беше и неговата хаотична и бизарна кампања, која се состоеше од долги и неповрзани говори за архитектонски проекти, изливи на гнасна исламофобија, како и размислувања за ‘задникот’ на еден републикански сенатор од Охајо. Сè кулминираше кај базенот пред Меморијалот на Линколн, каде што тој прогласи победа во војната против… алгите“, како што напиша еден колумнист на „Гардијан“.
Будењето на заспаниот џин
Во Републиканската партија веќе почна граѓанската војна за тоа кој е најмногу виновен за ова политичко истребување. Таму не за две години, кога Трамп ќе ја напушти функцијата, туку уште сега треба да почнат да размислуваат за својата иднина и да извлечат поука – зошто и како претседателот го направи нивниот бренд токсичен.
Има многу, многу пораки од изборите во вторникот не само за Америка, туку и за останатиот дел од светот. И онаму каде што владее демократијата и онаму каде што се на власт автократски лидери. Како што вели поранешниот американски министер за труд и професор на Беркли, Роберт Рајх:
„Големиот заспан џин на САД се разбуди, добро погледна што станало со нацијата и испушти громогласно ‘НЕ!’.
Она што се случи во вторникот не беше – како што велат некои – неизбежното нишање на политичкото клатно за време на среднорочните избори, на штета на партијата што е на власт. Тексас нема избрано демократски сенатор уште од 1988 година. Канзас последен пат избра демократски сенатор во 1932 година. А не беше ниту само поради економијата. Американците се незадоволни од високите цени, но инфлацијата не е излезена од контрола. Земјата не се наоѓа ниту во депресија, ниту во рецесија. Невработеноста останува прилично ниска.
За она што се случи, одговорно е нешто многу поголемо: популизам насочен против естаблишментот. Тој избувна против огромните корпорации кои остварија рекорден профит, додека повеќето Американци мораа да плаќаат повеќе. Избувна и против мега-донаторите и ‘супер-ПАК’ комитетите, кои ја преплавија американската политика со повеќе пари за кампањи – всушност, легализиран поткуп – отколку кога било претходно.
И против милијардерите од технолошкиот сектор, кои станаа најмоќната сила во американската економија и општество – а воедно се и најистакнатите поддржувачи на Трамп и на Републиканската партија“.
Токму тука лежи иронијата. Гневот кон естаблишментот го донесе Трамп на претседателската функција во 2016 година, а потоа повторно и во 2024 година. За многу Американци, неговите политички некоректни испади и нативистичката политика „Америка на прво место“ го одразуваа нивниот сопствен гнев поради тоа што се чувствуваа запоставени и непочитувани. „Јас сум вашиот воин“, им рече тој на своите поддржувачи кога ја објави кандидатурата за изборите во 2024 година. И од јануари 2025 Трамп се претвори токму во оној естаблишмент против кој претходно жестоко се бореше. Тој им овозможи даночни олеснувања и субвенции на технолошките милијардери. Ги промовираше нивните технологии за вештачка интелигенција, ги поддржа нивните дата центри, започна војни на Блискиот Исток – што не само што доведе до вртоглав пораст на цените на горивата, туку им донесе милијарди на нафтените гиганти, производителите на оружје и на неговото семејство. Очигледната корупција, клиентелистички капитализам и неговата желба да биде на „позлатената“ страна од новото американско „Позлатено доба“ го предизвика гневот на Американците, дури и внатре во неговото движење МАГА.
Авторитарниот образец
Извонредната историчарка и добитничка на Пулицеровата награда, Ен Еплбаум, (посветена републиканка) во видео-анализа за списанието „Атлантик“ направи многу прецизна анатомија за изборниот пораз на Трамп. Таа вели дека Американците одлучуваа за нешто многу позначајно од цените на горивото или здравствената заштита – тие одлучуваа дали Соединетите Држави, 250 години по своето основање, воопшто ќе опстанат како демократија.
Таа забележа дека никогаш претходно во историјата федералната влада не барала толку агресивно избирачки списоци од сојузните држави – при што изгуби низа правни битки – ниту пак прекројувањето на изборните единици било некогаш насочувано од Белата куќа со конкретна намера од Конгресот да се отстранат црнечките претставници или да се осакатат бастионите на демократите. Наместо Вашингтон да го штити изборниот процес, поединечните сојузни држави се најдоа во ситуација да го бранат своето уставно право за спроведување избори – и тоа токму од самата федерална влада.
Нападот на Трамп врз изборниот процес е дел од јасниот образец што тој го следи уште од почетокот на својот втор мандат, прецизно копирајќи ги методите што ги користат автократските владетели во Унгарија и Русија. Имаше толку многу работи што ги правеше Трамп: фронтален напад врз државните службеници, универзитетите, судството и научната заедница, а нарцисоиден телевизиски водител ја предводи најмоќната војска во светот.
Во текот на целиот тој период на уништување на институциите, рече Еплбаум, републиканското мнозинство во Конгресот кукавички молчеше или отворено аплаудираше. Конгресмените му дозволија на Трамп да воведе незаконски царини што ги зголемија цените на храната и енергенсите, благонаклоно гледаа кон војната со Иран, а неговите соработници заработуваа на берзата знаејќи за тие одлуки.
Како што оцени Рајх, така и Еплбаум вели дека и покрај сите притисоци, најважната вест од овие избори е тоа што граѓаните масовно излегоа на гласање и го одбранија поредокот. Како и во Унгарија и Србија многумина се сомневаа дали обичните луѓе воопшто можат да му се спротивстават на еден автократски претседател. „Излегува декаможат“, вели Еплбаум.






