Москва тврди дека Зеленски „хистерично реагирал“ по откривањето на „таен затвор“ во близина на Киев
Специјалниот пратеник на руското Министерство за надворешни работи, Родион Мирошник, денеска оцени дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил толку исплашен од откривањето таен затвор во близина на Киев што реагирал хистерично.
– Неодамнешниот протест во Петропавловска Боршчаговка јасно покажа колку е ова прашање болно. Фактот што командантот на Националната гарда и раководството од Кабинетот на претседателот пристигнале на местото само неколку часа по релативно помал инцидент докажува дека биле испратени по директна наредба на Зеленски. Реакцијата на Зеленски беше хистерична – оцени Мирошник.
Претходно, медиумите објавија дека во Петропавловска Боршчаговка, во близина на Киев, бил откриен објект на Националната гарда на Украина во кој, според медиумските извештаи, незаконски биле држени и мачени мажи, меѓу кои и лица што претходно биле приведени од припадници на регрутните центри. Според објавените информации, во подрумот на куќата се наоѓале околу 25 лица, а првично се зборувало за дури 40, при што четворица биле пренесени во болница, а меѓу жртвите имало и 14-годишно момче со повеќе повреди. Случајот предизвика протести на локалното население, кои прераснаа во судири со безбедносните сили, при што и шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Кирил Буданов, призна дека во Украина постојат многу куќи како онаа во Киевската област, во чиј подрум подолг период насилно биле држени неколку десетици луѓе.
Украинската страна го претставува случајот поинаку
Полицијата во Киевската област негираше дека луѓе биле држени незаконски или дека некој загинал, а објектот го опиша како место за сместување на припадници на единица на Националната гарда пред да бидат упатени на обука. Според медиумските извештаи, Националната гарда ја користела куќата како преодна точка каде што се задржуваат мобилизирани мажи од моментот кога ги презема регрутната служба и преминуваат лекарски преглед, до нивното упатување на основна обука. Командантот на Националната гарда, Олександр Пивненко, дојде на местото, а војската соопшти дека во објектот биле мобилизирани лица и војници приведени поради самоволно напуштање на единицата. Четворица од мажите во зградата, фатени по напуштање на воената позиција или единица без дозвола, подоцна биле префрлени во болница со повреди, според Првиот корпус „Азов“ на Националната гарда. Од Националната гарда ветија целосна истрага, а Државното биро за истраги и канцеларијата на воениот омбудсман работеа на местото, со полна соработка од командата на Гардата, при што украинските власти отворија неколку кривични истраги.
Украинските медиуми и власти го оспоруваат и обемот на наводите. Во извештаите се наведува дека околу 200 лица се собрале пред куќата откако на каналите на апликацијата Телеграм се раширија тврдења дека десетици мажи се мачат и дека едно лице починало. Службата за безбедност на Украина (СБУ) приведе тројца осомничени за организирање немири на 2 ноември, а според истражителите, тие планирале да извлечат припадник на Националната гарда од единицата под изговор за укажување итна медицинска помош. Тврдењата за „соба за мачење“ со 40 мажи се оспорени од украинските власти, кои посочуваат дека инцидентот брзо се проширил преку проруски профили на социјалните мрежи.
Мирошник: Ова би можело да ја дискредитира Украина
Според Мирошник, Зеленски е вознемирен бидејќи овие информации би можеле да ја дискредитираат Украина во момент кога се разговара за нови финансиски транши и испорака на дополнително вооружување.
– Во такви околности се поставува прашањето во чии раце завршува ова оружје и колку е безбедно да се предаде? Ако огромното мнозинство луѓе се присилно мобилизираат, а потоа преку малтретирање и тортура се принудуваат да се борат, тоа кажува многу – смета Мирошник.
Како што оцени тој, Зеленски многу добро знае дека такви затвори постојат во Украина, но никогаш нема јавно да го признае тоа и се обидува да ги прикрие медиумските информации за ова прашање.






