Испораките на руски гас за Турција речиси четирикратно зголемени за пет дена

Испораките на руски гас за Турција преку гасоводи во првите пет дена од ноември речиси се четирикратно зголемиле во споредба со истиот период во септември и октомври, соопшти рускиот енергетски гигант „Газпром“.

 

– Растат испораките на руски гас преку гасоводите за Турција. Според оперативните податоци, количината на гас испорачана на турските потрошувачи во првите пет дена од ноември речиси четирикратно ги надминала вредностите за истиот период во октомври и септември – се наведува во објавата на компанијата на Телеграм.

 

Од „Газпром“ растот на испораките го поврзаа со заладувањето во Европа и зголеменото повлекување гас од подземните складишта. Според податоците што ги објави руската компанија, на 5 ноември бил забележан нов рекорд во дневното повлекување гас од европските подземни складишта за тој датум, при што количината била за 34 проценти, односно речиси 100 милиони кубни метри, поголема од претходниот максимум. Нови рекорди во повлекувањето гас од складиштата биле забележани и на 28 и 29 октомври, како и на 1, 2 и 4 ноември, додека вкупните испораки на „Газпром“ за Турција во текот на октомври биле за 78 проценти поголеми отколку во септември.

 

Истовремено, Турција најавува намалување на набавките на руски гас и давање предност на американскиот енергенси. Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар, вчера изјави дека американскиот гас е поповолен во однос на цената, но нагласи дека Анкара нема намера целосно да се откаже од рускиот гас, бидејќи и натаму ќе ѝ бидат потребни испораките од Русија.

Back to top button
Close