Украинскиот претседател предупредува на нова „Јалта“ и поделба на Европа на сфери на влијание
Идејата за преговори меѓу Русија и европските земји за нова безбедносна архитектура на континентот може да биде опасна – оцени украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во денешното интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен, тој рече дека американската страна го покренала прашањето за разговори за нова безбедносна рамка за Европа и Русија.
– Американската страна сакаше да разговара за идејата за европско-руска безбедносна архитектура. Тоа може да биде опасно – изјави Зеленски.
Според него, за оваа иницијатива разговарал со специјалните пратеници на Белата куќа, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, но призна дека сè уште нема целосни информации за американскиот предлог.
Украинскиот претседател смета дека е погрешно да се отвора прашањето за широк систем на европска безбедност пред да се постигне договор за прекин на воените дејствија. Според редоследот што го предложи, најпрво треба да се утврдат условите за завршување на конфликтот, потоа да се договорат безбедносните гаранции за Украина, а дури потоа да започне дијалог меѓу Москва и европските престолнини за идниот безбедносен поредок. Зеленски особено предупреди на можноста за поделба на Европа на сфери на влијание, нагласувајќи дека Киев не сака враќање на модел сличен на оној од конференцијата на Јалта во 1945 година, на која големите сили разговараа за повоеното уредување на светот.
Иницијативата за разговори меѓу Русија и европските земји предизвика реакции и во Европската Унија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека ЕУ нема намера со Русија и Соединетите Американски Држави да разговара за нова безбедносна архитектура во Европа и дека сака да го задржи постојниот систем. Истовремено, таа оцени дека Европската Унија мора да учествува во преговорите меѓу САД и Русија за Украина, но не прецизираше кој би можел да го претставува Брисел на таквите состаноци.






