Алтан банка
Автор Биљана Секуловска
Да не паднеше Вучиќ, Алта банка ќе продолжеше да ужива во криминалните операции во Македонија и ќе опстанеше сѐ додека траеше оваа совршено подмачкана идила на разбојничкава банда насекаде низ регионов.
Затоа, не обвинувајте никого во државава, освен, се разбира, медиумите и СДСМ, за кои властите и добро избрани т.н новинари, велат дека шират паника и хистерија и ги хушкаат кутрите луѓе кои не се свесни кој е вистинскиот виновник.
Неверојатна ПР стратегија, тоа мора да им се признае на креаторите на криминалниот план како да се извлекуваат и перат пари низ регионов. Маестралниот спин доктор извлече од депонијата на политички истрошени великани човек како Павле Богојевски, една отсекогаш искршена фигура, подзалепена за незгодните околности, да говори за машкиот надзор врз жените. Оттогаш, па сѐ до денес, Алта банка повеќе не е на дневен ред на социјалните мрежи, за кои имаат прилично влијание медиумските фабрики како оние во руските центри во Велес.
Доколку сепак писнете, на менито се хистеричните и панични медиуми и СДСМ, хушкајќи ги анестезираните сопственици на банкарските сметки, кои не се доволно значајни и важни за да имате елементарен срам и совест после очигледниот криминален план, кој се разбира дека некогаш ќе пропаднеше.
Но, знаете како, на целиот свет му беше совршено јасно дека владеењето на Вучиќ е одамна истрошена и завршена приказна, со предвидлив исход. Не и во Македонија, каде на почетокот на крајот на Вучиќ на Алта банка самоуверено ѝ беше дадена лиценца, за која и пред влезот имаше финансиски афери и скандали, благодарејќи на медиумските истражувања во Србија.
По очекуваниот колапс се подразбира дека никогаш нема да се отвори истрага во земјава. Освен за СДСМ, да го цитирам Мицкоски, а за медиумите се погрижуваат некои т.н новинари кои се ставиле одамна во служба на властите и службите, кои и да се, кога и да се.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славевски најчесно се извини на медиумите, што е одличен потег, затоа што со тоа ќе се реши целиот криминален проблем со Алта банка. Премиерот Мицкоски еднакво чесно не се очекува да им се извини на граѓаните на Македонија за пропаста во која ги доведе не само сопствениците на сметките во Алта банка, туку и на целиот банкарски и финансиски систем во државава.
Затоа што, нема потреба од извинување, затоа што, утре пак да се врати на сцена Вучиќ и лично тука да отвори криминална банка, ќе бидат и тој и пералницата со одушевување и олеснување пречекани, затоа што ова е вистинската земја за нив. Оттука и за нас, несвесни, со специјални потреби за поткупливост, понизност, совршен профил на клиенти на секој што ќе фрли зрнце, не е ни трошка, за грабежот кој ние, а не тие, ние го потпишуваме.






