(ВИДЕО) Уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот од Краков

Полскиот премиер Доналд Туск потврди дека се пронајдени уште три тела во домот на мажот кој денеска уби шест лица во Краков, Полска. Меѓу жртвите има две жени и еден маж; според првичните информации, тие најверојатно се членови на семејството на напаѓачот.
Туск го потврди откритието за време на вечерашната средба со министри и претставници на безбедносните служби во Краков. Идентитетите на тројцата починати сè уште не се официјално објавени, а истражителите во моментов ги утврдуваат околностите под кои настапила смртта.
Полскиот медиум „Онет“ (Onet), повикувајќи се на неофицијални извори, пренесува дека жртвите се родителите на напаѓачот и неговата сестра.
Според „Онет“, телата биле пронајдени во стан во градот Островјец Свјентокшиски, каде што живеел 24-годишниот напаѓач.
🇵🇱
❗️@PolskaPolicja weszła do mieszkania zamachowca.Materiał z działań funkcjonariuszy pojawił się na profilu FB Radia Ostrowiec. https://t.co/QpfMPmUH2m
— WarNewsPL (@WarNewsPL1) November 7, 2026
Полицијата ја евакуирала станбената зграда, а на местото на настанот пристигнале антитерористички единици. Телата биле откриени со помош на полициско беспилотно летало (дрон), наведува „Онет“.
– Advertisements –
Туск изјави дека сите индиции укажуваат на тоа оти починатите се членови на потесното семејство на напаѓачот. Сепак, сè уште не е официјално потврдено како настапила смртта, кога се случила, ниту пак дали тие биле убиени од осомничениот.
Засега, овие три тела не се вклучени во бројката од шест лица убиени во нападот во Краков. Доколку се потврди дека нивната смрт е поврзана со напаѓачот, вкупниот број на неговите потенцијални жртви би можел да се искачи на девет.
Во своето обраќање вечерва, полскиот премиер го окарактеризира нападот како терористички чин. „Досега во Полска немаме видено вакви драстични случаи на тероризам. Овој суров напад врз човечки животи во Краков мора да се нарече токму така“, рече Туск.
Тој најави дека е во тек интензивна истрага во која се вклучени полицијата и безбедносните служби. Истражителите работат на утврдување на мотивот за нападот и на тоа дали осомничениот имал соучесници.
Премиерот им оддаде признание на полициските службеници кои интервенираа, како и на граѓаните кои им помогнаа на повредените. Тој особено им се заблагодари на сведоците кои притрчаа на помош на еден ранет полицаец. Шестмина загинати во Краков; меѓу жртвите има и британски државјанин
Да потсетиме, денес околу 15:00 часот, напаѓачот со автомобил влегол на главниот градски плоштад во Краков и почнал да пука кон случајни минувачи.
Во нападот загинаа шест лица – четири жени и двајца мажи. Меѓу загинатите има и британски државјанин, а најмалку 15 други лица се повредени.
По размена на оган, полицијата го ранила и уапсила напаѓачот. Повредени се и двајца полицајци, кои во меѓувреме биле оперирани.
Полскиот министер за внатрешни работи, Марчин Кервињски, претходно изјави дека постојат индиции оти напаѓачот бил фасциниран од крајнодесничарски идеологии и застапувал радикални, ултранационалистички ставови. Истражителите сè уште работат на утврдување дали токму тоа било мотивот за нападот.
Полскиот претседател Карол Навроцки иницираше постапка за прогласување период на национална жалост, за која Туск најави дека ќе се одбележи на 9 и 10 ноември.






