Вашингтон бара излез од војната: го повикаа Пекинг да изврши притисок врз Техеран

По политичкиот пораз на домашен терен минатата недела, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бара нови дипломатски решенија за завршување на војните во Иран и Украина. Најголем предизвик за Вашингтон во моментов е пронаоѓањето излез од конфликтот со Иран, поради растечкото незадоволство на американската јавност од војната.

Иако Трамп се закани со продолжување на воените операции, а министерот за одбрана Пит Хегсет се подготвува за можна ескалација, Вашингтон истовремено се обидува да го вклучи Пекинг во дипломатските напори.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент, со поддршка од Трамп, ѝ се обратил на Кина со барање да го искористи своето влијание врз Иран за да помогне во завршувањето на војната. Според американски претставник запознаен со разговорите, Пекинг веќе ја пренел пораката до Техеран.

Дипломатските активности на американската администрација кон Иран ги предводи потпретседателот Џеј Ди Венс. Минатиот месец тој испратил помирливо писмо до иранскиот безбедносен претставник Мохсен Резаи, а неодамна изјавил дека војната е причина за изборниот пораз на Републиканската партија на меѓуизборите.

Според катарскиот претставник Али ал Тавади, кој посредува меѓу Белата куќа и Техеран, овие потези на Венс биле позитивно примени во Иран.

„Иранските лидери чекаат да видат дали изборите навистина го промениле однесувањето на Америка“, изјавил Ал Тавади.

Тој посочил дека иранските власти го сфатиле писмото на Венс како гест на почит и позитивно ја оцениле неговата изјава дека војната била грешка. Сепак, Техеран сега очекува конкретни чекори од Вашингтон за да утврди дали САД се подготвени да бидат сигурен партнер во дипломатските преговори.

Back to top button
Close