Аларм по потврдените случаи на морбили: Дежурните пунктови полни со деца со температура, многу од нив невакцинирани

По потврдените случаи на морбили во земјава, расте загриженоста кај здравствените работници поради големиот број деца со висока температура кои бараат лекарска помош, а притоа не се вакцинирани со МРП вакцината.

Во текот на ноќта, во дежурниот пункт во Поликлиниката „Бит Пазар“ биле прегледани околу триесетина деца со покачена телесна температура. Најголем дел од нив биле невакцинирани, а станува збор претежно за деца кои посетуваат градинка.

Докторката Каролина Ристова Стефанова предупредува дека ситуацијата е загрижувачка, особено поради одложувањето на вакцинацијата од страна на родителите.

Според неа, сите деца кои биле прегледани за време на нејзината смена имале висока температура, а ниту едно од нив не било вакцинирано. Таа посочува дека родителите најчесто наведуваат дека планираат да ги вакцинираат децата, но постојано го одложуваат терминот.

Лекарите апелираат на зголемена внимателност и навремено препознавање на симптомите на морбили, меѓу кои се висока температура, поспаност, воспалено грло, црвенило на очите, обилна секреција од носот и карактеристичен осип по кожата.

Особено загрижува можноста за ширење на заразата во преполните чекални. Морбилите се исклучително заразно заболување, а вирусот може да остане во воздухот и до два часа откако заразеното лице ќе ја напушти просторијата.

Поради тоа, лекарите советуваат родителите кои се сомневаат дека нивното дете има морбили најпрво телефонски да го контактираат матичниот лекар, наместо директно да одат во здравствена установа, со цел да се избегне дополнително ширење на инфекцијата.

Здравствените власти препорачуваат проверка на вакциналните картони во училиштата и градинките, како и вакцинација на децата кои не ја примиле МРП вакцината согласно календарот за имунизација.

Истовремено, се следи епидемиолошката состојба и се разгледува можноста за определување посебна здравствена установа за хоспитализација на деца заболени од морбили.

Во изминатите два до три дена е забележан и зголемен интерес за вакцинација, особено кај децата од училишна возраст кои треба да ја примат втората доза од МРП вакцината.

Лекарите потсетуваат на епидемијата од 2019 година, кога, според изнесените податоци, биле заразени околу 2.000 деца, а биле регистрирани и четири смртни случаи.

Засега, евентуалното воведување дополнителни ограничувања за невакцинираните деца ќе зависи од развојот на епидемиолошката состојба и одлуките на надлежните институции

Back to top button
Close