Најмалку 11 загинати и десетици повредени во две верижни сообраќајки со над 70 возила во Бугарија
Најмалку 11 лица загинаа, а 48 се повредени утрово во две тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во југоисточна Бугарија, во кои учествувале повеќе од 70 автомобили, камиони, автобуси и комбиња – соопшти бугарскиот премиер Румен Радев пред новинарите во Варна. Локални медиуми јавуваат дека бројот на починати засега е 12.
Сообраќајните несреќи се случиле околу 7 часот по локално време, во близина на клучката Зимница, во услови на исклучително густа магла. Првата несреќа била пријавена на 289. километар од автопатот во правец кон Бургас, а втората на 294. километар, непосредно пред клучката Зимница, во правец кон Софија.
Гувернерот на областа Сливен, Михаил Кашеров, кој е на местото на настанот, изјави дека глетката е неопислива и дека во животот не видел ништо слично. Според неговите информации, во верижните судари учествувале над 70 превозни средства, а бројот на жртвите надминува 10 лица.
Во болницата во Јамбол примени се 13 повредени лица, додека во Окружната болница во Сливен се однесени 18 повредени, од кои тројца се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Претходно, заменик-директорот на болницата во Јамбол, Валентин Валчев, изјави дека кај нив биле примени 11 повредени, од кои повеќето со тешки повреди – седуммина со повеќекратни повреди (политрауми) и тројца со фрактури на екстремитетите. Претставничката на Европскиот центар за транспортни политики, Дијана Русинова, претходно изјави дека повредени се над 50 лица и дека некои од учесниците сè уште се заробени во возилата, но тој број официјално не беше потврден.
Шефот на сообраќајната полиција во Јамбол, Тодор Мишинов, истакна дека спасувачките екипи на одредени места морале да сечат лим за да ги извлечат луѓето од уништените возила. Во акцијата за спасување е вклучена и воена единица од Кабила, при што на терен се упатени повеќе од 20 припадници на 42. механизиран баталјон од Јамбол. Бидејќи не сите возила на итна медицинска помош можат директно да пристапат до повредените, дел од нив се изнесуваат рачно на носила.
Системот за рано предупредување е активиран во областите Јамбол, Бургас и Сливен. Хеликоптерите се во состојба на готовност за транспорт на повредените кон Бургас, а оттаму со воен авион „Спартан“ доколку се укаже потреба.
Воениот авион „Спартан“ веќе се наоѓа на аеродромот во Бургас и е подготвен да помогне во транспортирањето на пациентите. Кашеров разговарал и со министерката за здравство Катја Ивкова, која потврдила дека ќе биде подготвен и втор авион „Спартан“ доколку има потреба од дополнителен авиотранспорт.
За тројцата пациенти кои се на реанимација, одлучено е првично да бидат медицински обработени на самото место за да се процени дали е безбеден нивниот превоз кон Бургас.
Директорот на обласната патна управа како можни причини за сообраќајните несреќи ги наведе густата магла, мокриот коловоз и неприлагодената брзина на движење. Автопатот останува целосно затворен во двата правци сè додека не бидат отстранети сите хаварисани возила.
Премиерот Радев изрази длабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Тој на почетокот на заедничкиот брифинг со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Варна, ја запозна шефицата на ЕК со трагичните случувања од утрото.






