15.000 потписи за електронски алки за насилниците за помалку од три дена, ЛДП бара итно гласање
Петнаесет илјади граѓани за помалку од три дена ја потпишале петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) со која се бара итно воведување електронски алки за сторителите на семејно насилство, соопштуваат од ЛДП.

Од партијата велат дека бројот на потписи постојано расте и дека иницијативата претставува повик до институциите да преземат конкретни мерки за поголема заштита на жртвите.
ЛДП го повика парламентарното мнозинство да го поддржи законското решение и да го усвои во итна, скратена постапка. Од партијата изразуваат незадоволство од, како што велат, молчењето на пратениците пред барањето на илјадници граѓани.
Истовремено, ги повикаа сите што сè уште не ја потпишале петицијата да се приклучат на иницијативата, со порака дека електронскиот надзор врз сторителите може да придонесе за спречување на насилството и за поголема безбедност на жртвите.






