Албанското Специјално обвинителство отвори истрага против Рама поради сомневања за незаконско одобрување туристички проекти во заштитени подрачја
Албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) отвори истрага против премиерот Еди Рама и други високи функционери поради сомневања за незаконско одобрување туристички проекти во заштитени подрачја во Звернец, Рјол и Дивјака-Караваста.

Според локалните медиуми, кривичната постапка под број 97 била заведена на 10 септември, а нејзиното отворање го потврдил шефот на СПАК, Клодјан Брахо. Случајот се наоѓа во истражна фаза.
Пријавата ја поднела група експерти и учесници во протестите одржани на 12 август, повикувајќи се на истражувања на „Албански фајлс“ и документи за околу 250 одлуки на Националниот совет за територија, со кој претседава Рама.
Подносителите бараат да се испитаат сомневањата за злоупотреба на службената положба, корупција на високи функционери, незаконско влијание и формирање организирана криминална група.
Во пријавата се наведува дека во трите спорни случаи бил применуван сличен механизам: најпрво се менувале законските одредби, потоа се одобрувале посебни планови за градба, а на крај се издавале дозволи за изградба.
Еден од проектите е туристичкиот комплекс „Блу Борго“ во Бакс-Рјол, за кој во декември 2024 година биле одобрени посебни правила за изградба со потписите на Рама и тогашната вицепремиерка Белинда Балук. Иако проектот добил статус на стратешка инвестиција, Албанската агенција за развој на инвестициите двапати потврдила дека не постои одлука на Комитетот за стратешки инвестиции за негово доделување.
Вториот проект, „Кингскоаст“, предвидува изградба на нов град во рамките на националниот парк Дивјака-Караваста. Третиот се однесува на изградба во Звернец, каде што планот за проект поврзан со групацијата „Кастрати“ бил изработен во 2022 година. Овој проект се поврзува со Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, советник на американскиот претседател.
Подносителите бараат проверка и на други туристички проекти за кои можеби бил применет истиот начин на одобрување. Според медиумските информации, претходните кривични пријави за слични случаи биле отфрлани без отворање истраги.






