Иако Виктор, кој имал забрана за приближување, ја уби Билјана – инспекцискиот надзор тврди дека немало институционални пропусти во случајот

Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил пропусти во постапувањето на институцијата во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која беше убиена од својот партнер.

Според наодите на инспекторите за социјална заштита, Центарот постапувал во рамките на законските надлежности и презел мерки за заштита на малолетничката.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека на 2 октомври Центарот добил известување од МВР за настан од 30 септември. Истиот ден бил контактиран таткото на девојката, а на 5 октомври биле спроведени разговори со него и со Билјана, при што биле земени изјави на записник. Таткото дал согласност за поведување понатамошни постапки за нејзина заштита.

Наредниот ден на разговор бил повикан и 21-годишниот Виктор, на кого му биле укажани последиците од насилното однесување. По проценката на ризикот, Центарот веднаш поднел барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита, меѓу кои забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со девојката, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри.

На 16 октомври судот ги изрекол бараните мерки во траење од шест месеци. Од Министерството и од МВР информираат дека по нивното изрекување немало пријава за прекршување.

И покрај заклучокот од инспекцискиот надзор, јавноста продолжува да бара целосно расветлување на случајот и утврдување на евентуалната одговорност на институциите. По протестите во Богданци и Скопје, граѓаните бараат одговори за околностите што доведоа до смртта на 17-годишната девојка.

Дополнителни одговори се очекуваат и од резултатите на обдукцијата, кои треба да ги разјаснат причините и околностите под кои починала Билјана Кириќ.

Back to top button
Close