Крива Паланка бара 30 дневна кризна состојба и помош од владата да се реши проблемот со кравите

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, побара од Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба во општината поради неконтролираното движење на повеќе од 1.000 грла крупен добиток, кој предизвикува штети на имотите, земјоделските површини и јавните простори, а ја загрозува и безбедноста во сообраќајот.

На прес-конференција, на која присуствуваа и граѓани погодени од проблемот, Митовски порача дека досегашните институционални реакции не донеле трајно решение и дека се потребни дополнителни ресурси и координирана интервенција од надлежните институции.

Тој побара Владата да обезбеди специјализирани возила, стручни екипи, финансиски средства и соодветен простор за згрижување на животните. Предложениот план треба да опфати организирано заловување, безбеден транспорт и сместување на добитокот, како и мерки за спречување на повторување на проблемот.

Според Митовски, од јануари 2022 година до надлежните институции се доставени стотици пријави и иницијативи, поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а документирани се материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.

Тој посочи дека правосилните и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени во 2024 година, сè уште не се спроведени во целост. Затоа побара одговорност од институциите и информации за здравствената состојба на добитокот, ветеринарните прегледи и можните епидемиолошки ризици.

„Доста е од голготата на граѓаните. Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на овој долгогодишен проблем“, порача Митовски.

Back to top button
Close