Филипче: Ако не се спроведат вистински реформи против корупцијата, следи нов бран иселување на младите

Случувањата во Србија треба да се гледаат како почеток на демократски бран во регионот, предводен од младите луѓе и генерацијата Зет, смета лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче. Според него, ова е глобален тренд каде што младите изразуваат незадоволство од корупцијата и бараат суштински промени, достоинствен живот и меритократија.
– Една огромна маса на луѓе, млади луѓе ја понесоа победата на демократијата врз режимот во Србија. Предводници се очекувано млади луѓе коишто се најбројни во овој момент на светот, тоа е генерацијата Зет. И тоа не е тренд само во Србија, тоа е тренд во многу други земји во светот – посочи Филипче.
Во гостување на Сител телевизија, Филипче потенцираше дека партискиот тим веќе со месеци ги анализира овие процеси и искуства од европските земји за да понуди решенија што ќе ги задржат младите во државата.
– Ние сето тоа сме го предвиделе во нашата програма и нашиот мастер план. Прво, сериозна реформа во здравството, со тоа што секој кој што е корисник на здравствено осигурување ќе може да си ја бира здравствената услуга во било која установа сака – јавна или приватна. И на тој начин нема да има листи на чекање, ќе има правилна распределба на парите до кои што прво ќе дојде целокупниот здравствен персонал, а луѓето ќе имаат поквалитетна здравствена услуга. Понатаму, ќе има прогресивен данок, тоа го сакаат младите. Тоа не е казна за успешноста, тоа е само правилна распределба на капиталот и богатството така како што сакаат припадниците на генерацијата Зет. Понатаму, освен прогресивниот данок, акцент на антикорупцијата, затоа што тоа е ракот на нашето општество и затоа специјален антикорупциски закон и ветинг на сите политичари, меѓутоа и на сите судии и обвинители – рече Филипче.
Зборувајќи за барањата на новите генерации и нивната фрустрација од општествениот систем, лидерот на СДСМ предупреди дека доколку не се спроведат вистински реформи против корупцијата, следи нов бран на иселување.
– Нема друг спас за нашето општество, нема друг спас за генерацијата Зет. Верувајте, ако ова не се случи после следните избори, генерација по генерација ќе се иселува. И ништо друго повеќе нема да биде важно кога ние нема да имаме млади луѓе овде кај нас – нагласи лидерот на СДСМ.






