Рубио: Економскиот притисок врз Иран дава резултати, воена акција не е неопходна


Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека им порачал на сојузниците од групата Г7 оти американските економски санкции и поморската блокада даваат толку добри резултати што претседателот Доналд Трамп нема потреба од водење поголеми борбени операции во Иран.

Обраќајќи им се на новинарите во Париз, по дводневниот состанок со сојузниците од Г7, Рубио повеќе пати ги отфрли тврдењата дека откажувањето од воена акција би значело пат-позиција или задржување на статусот кво.

– Економската штета што во моментов му се нанесува на Иран е исклучително голема и продолжува да расте. Со секој изминат ден е сè поголема – рече Рубио, додавајќи дека Трамп потврда за таквата процена добил и од регионалните сојузници на Блискиот Исток.

Трамп вчера изјави дека планира на неодредено да ги одложи новите воени напади врз Иран, по апелите од земјите од регионот вклучувајќи ги и разговорите со катарскиот премиер во Белата куќа.

– Немаме потреба да вршиме воени напади доколку истата цел ја постигнуваме со економски средства и економски притисок. Тоа не е пат-позиција – изјави Рубио. „Иран никогаш досега не се соочил со толку голема неможност за продажба на енергенси на глобалниот пазар како денес“, додаде тој.

Трамп призна дека војната во Иран била една од причините за поразот на републиканците на минатонеделните избори за Конгресот, а потпретседателот Џеј Ди Венс, кој се смета за потенцијален наследник на Трамп по истекот на мандатот за две години, беше уште поконкретен, велејќи: „Причината за нашиот пораз е токму војната“.

Back to top button
Close