Филипче: Влезот на Алта банка е дел од политичките концесии кон Вучиќ, сите вклучени ќе мора да одговараат


Претседателот на СДСМ Венко Филипче тврди дека власта знаела кој е Давор Мацура и дека влезот на „Алта банка“ во Македонија е дел од политичките концесии кон режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ од страна на премиерот Христијан Мицкоски.

Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, Филипче рече дека дозволувањето на влезот на „Алта банка“ не може да се оправда со неинформираност на надлежните институции.

– Едно е да не знаете, а друго е да сте дел од целата таа игранка и шема и да ги знаете многу добро тие луѓе, рече Филипче.

Тој очекува да се утврди дека надлежните имале обврска да го овозможат влезот на банката во земјава поради политички договори.

– Јас ви тврдам дека тоа ќе излезе на крај, дека овие луѓе имале обврска да ја донесат „Алта банка“ тука кај нас, затоа што имале политички концесии со режимот на Александар Вучиќ, менторот на Христијан Мицкоски, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ ја доведе во прашање и улогата на премиерот во процесот на преземање на „Стопанска банка“ Битола, потсетувајќи на изјавата на гувернерот Трајко Славески дека го консултирал Мицкоски и дека тој бил вклучен во процесот.

Филипче праша и зошто премиерот и министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска, како што рече, на владина седница им укажувале на јавните претпријатија што поседуваат акции во „Стопанска банка“ Битола да ги продадат на „Алта банка“?

– Каква е врската на премиерот и министерката Кочовска со „Алта банка“ Белград? Па, зарем тоа не е најдобар доказ на новиот сопственик да му овозможат зголемување на неговиот капитал, праша Филипче.

Тој потсети дека СДСМ повеќе од една година јавно предупредува за случајот со „Алта банка“ и побара одговор од институциите дали ги провериле наводите по првите предупредувања на партијата.

Осврнувајќи се на најавената надзорна расправа во Собранието за случајот, Филипче рече дека целта е да се утврдат одговорностите на сите кои биле вклучени во процесот, како и да се добијат одговори за потеклото на парите, трансакциите и постапувањето на надлежните институции.

Тој најави дека списокот на лица што треба да бидат повикани опфаќа околу 30, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, менаџерскиот тим на „Алта банка“, како и претставници на институциите кои имаат информации за финансиските текови.

– Сите коишто се на некој начин вклучени во процесот, коишто имаат политичка одговорност, коишто имаат формална одговорност, одговори Филипче на прашањето кој ќе биде повикан пред собраниското тело.

Тој нагласи дека расправата треба да трае онолку колку што е потребно за да бидат поставени сите легитимни прашања и јавноста да биде информирана.

Според него, во фокусот треба да бидат и интересите на граѓаните и последиците од случувањата со банката, посочувајќи ги пензионерите кои чекаат ред за услуги во филијалата во Битола.

– Ние може да разговараме за сè што правела „Алта банка“, ама наша задача е да се занимаваме и да се грижиме за нашите граѓани. Вие сега ќе им објасните на пензионерите што чекаат ред пред „Алта банка во Битола дека Рајфајзен правела трансакции, рече Филипче.

Тој оцени дека случајот со Алта банка е дел од поширока политичка поврзаност за која СДСМ предупредува, обвинувајќи дека Мицкоски е дел од политичката оска на Виктор Орбан и Александар Вучиќ.

– Христијан Мицкоски е само пионот на оваа оска на Орбан и на Вучиќ кај нас, со цел земјава да се опљачка и да се запре европскиот пат на земјата. Нема да му помине затоа што граѓаните веќе се свесни, порача претседателот на СДСМ.

Back to top button
Close