Мицкоски: За десетина дена ќе поскапи цената на струјата за 18 отсто
Според него, Регулаторната комисија за енергетика ќе дозволи зголемување на сметките за електрична енергија за 2,5 отсто, додека останатите проценти ќе се должат на поскапата цена на струјата што поранешно АД ЕЛЕМ сегашно АД ЕСМ ќе ѝ ја понуди на компанијата „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач.
Според Мицкоски, АД ЕСМ минатата година ја завршило со загуби од речиси 17 милиони евра и затоа наместо досегашни 38, 5 евра за мегават-час, тие на „ЕВН хоум“ ќе му понудат цена од 55 до 58 евра за мегават-час.
„И тоа ќе биде од околу 70 отсто од потребите на ‘ЕВН хоум’, односно од потребите на потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30 проценти ќе биде цената што ќе ја понудат трговците, а таа во моментов на берзите за електрична енергија изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена на електрична енергија, односно струја, плус тарифа за МЕПСО, тарифа за пазар и тарифа за дистрибутер, очекуваме граѓаните најмалку да плаќаат зголемување од 18 проценти“,
рече Мицкоски.
Поради ова, како што рече Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ даде предлог за намалување на ДДВ на сметките за електрична енергија од 18% на 5%, кој Регулаторна сакаше да си го присвои како свој предлог.
„Во ред, нека е нивен, но нека поднесат предлог за намалување на данокот и на тој начин ќе ги заштитат граѓаните и нивните сметки. Државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните. Доколку Бислимоски не го поднесе предлог, ќе го сметаме за соучесник во пљачката и осиромашување на овој народ и ќе се соочи со гнев и протести до негова оставка биејќи тој е најодговорен“,
рече Мицкоски.