СЗО предупредува на хуманитарна катастрофа во Сирија

Неуспехот во прекуграничната акција за помош во Сирија, која истекува следниот месец, може да предизвика нова „хуманитарна катастрофа“ во регионот под контрола на бунтовниците на северозападот од земјата, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО)

Милиони луѓе зависат од хуманитарната помош што во моментов директно доаѓа од Турција во северозападна Сирија, согласно договорот одобрен од Советот за безбедност на Обединетите нации, јавуваат британските медиуми.

СЗО го издаде ова соопштение-предупредување во пресрет на судирот што следниот месец се очекува меѓу западните членки на Советот за безбедност на ОН, кои го поддржуваат обновувањето на договорот за транспорт, од една страна, и Русија, која и претходно беше во можност да блокира други прекугранични операции, од друга страна.

Москва, која има право на вето во Советот за безбедност на ОН и ја поддржа борбата на сирискиот претседател Башар ал-Асад против бунтовниците, наведува дека помошта на северот може да се достави директно од главниот град Дамаск.

-Големата прекугранична акција на ОН во следните 12 месеци останува клучна во спасувањето животи. Доколку одобрението не биде обновено, тоа значително ќе ги разниша централните хуманитарни операции и ќе го турне северозападот на Сирија во нова хуманитарна катастрофа, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.

Речиси 1.000 камиони секој месец минуваат низ граничниот премин Баб ал-Хава за да достават помош и лекови, вклучувајќи и вакцини против Ковид-19, за 2,4 милиони лица кои во моментов престојуваат на границата со Турција, наведуваат агенциите на ОН.

-Прекинувањето на овие испраки може да доведе само до зголемување на бројот на заболени и на смртни случаи, вели Линдмаер.

Back to top button
Close