ОН предупредува дека 400.000 лица гладуваат во Тигреј, а други 1,8 милиона се на работ на глад

– Обединетите нации вчера предупредија дека стотици илјади луѓе страдаат од глад во северниот етиописки регион Тигреј, и покрај примирјето што владата во Адис Абеба еднострано го прогласи неделава, јави ДПА .-
Еден од највознемирувачките трендови е алармантниот пораст на несигурноста во храна и гладот поради конфликт. Повеќе од 400.000 луѓе се проценува дека го преминале прагот на глад, а други 1,8 милиони луѓе се на работ на глад, изјави на специјалната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, Рамеш Рајазингем, координатор за итни случаи на помош во канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи (ОЦХА).
Според други проценки, бројките за луѓето кои се соочува глад се уште поголеми, пренесува ДПА.
Примирјето, објавено во понеделникот, уследи осум месеци откако етиопската влада во Адис Абеба почна воена офанзива против Народноослободителниот фронт на Тигреј (ТПЛФ), кој ја имаше власта во регионот.
Етиопската Влада денеска ги отфрли обвинувањата дека се обидува да го загрози опстанокот на населението во регионот на Тигреј со тоа што им ја одбива можноста за доставување храна и друга неопходна помош.
Во прекин се сообраќајот и другите комуникациски врски со регионот, што се соочува со најголемата криза со глад во последните десет години.
Шефот на етипската дипломатија, Демеке Меконел, меѓутоа вели дека не се точни инсинуациите дека Етиопија ја спречува испораката на хуманитарна помош и дека храната ја користи како оружје против народот во Тигреј.
-Апсолутно нема причина да го правиме тоа. Тие се наши луѓе, рече Демеке пред новинарите ден по уривањето на клучниот мост што поврзуваше поголем дел од регионот, во кој живеат шест милиони луѓе, а Обединетите нации соопштија дека зад него стојат специјални сили на соседниот регион Амхара.
Властите на Амхара го окупираа западен Тигреј и протераа стотици илјади етнички Тигрејци.
Етиопската Влада ги обвини силите на Тигреј за уривањето на мостот.
Но, хуманитарен активист кој го посетил местото за американските медиуми изјави дека локалното население му кажало дека виделе припадници на специјалните единици на Амхара како поставуваат некои предмети на мостот кој експлодирал по нивното заминување.
Тој кажа дека жителите му изјавиле дека сега немаат друг начин за да преминат на другата страна.






