Попис 2021 и аграрот

Пописот ќе овозможи квалитетни развојни политики во земјоделството

Не може креирање квалитетна аграрна стратегија без официјални статистички податоци. Ова е пораката на агроекспертите кои со години инсистираат на спроведување на попис на населението и домаќинствата, како и спроведување земјоделски попис, за да се добијат релевантни податоци за вистинската бројка на земјоделци, за ресурсите и за потенцијалот што го поседува земјава. Иако со пописот кој е во тек нема да се попишуваат земјоделските површини и дали тие се обработуваат, ниту пак опремата што се користи, тој сепак ќе даде јасна слика за тоа на колку луѓе земјоделството им е основна, а на колку дополнителна дејност. Ќе се знае старосната структура на овие лица, а ќе се знае и какво население живее во руралните средини, кое претставува база за развој на агрокомплексот во земјава.

Се помалку млади земјоделци

Во струмичко со години се зборува дека расте бројката на необработени земјоделски површини и дека опаѓа бројката на земјоделци. Ваквите констатации, во отсуство на официјални бројки, доаѓаат од самите земјоделци. Борис Зекиров од струмичко Ново Село има околу 2 хектари овоштарници. Според него, само 20 отсто од струмичкото поле се обработува. Другото стои запуштено. Вели дека по нивите веќе нема млад земјоделец, туку дека останеле само повозрасните.

„Гледате дека добар дел од земјиштето стои необработено. Необработено е дури и она што е најплодно. Атарите на селата Мокрино, Мокриево, на пример. Овде во овој дел на струмичката котлина земјиштето никогаш не стоело необработено. Мојот заклучок е дека се прави природна селекција и веќе се знае кое земјиште се обработува, а кое не.

Жално е што меѓу оние кои го обработуваат земјиштето малкумина се млади луѓе. Мислам дека ќе дојде и до мало покачување на цените на земјоделските производи, затоа што, овде повеќе нема кој да работи“, вели Зекиров.

Податоците од субвенциите даваат нереална слика

Точни податоци колку од струмичкото поле се обработува немаат ниту земјоделските здруженија. Тврдат дека одредена слика добиваат врз основа на исплатените субвенции според површина а земјиштето. Според нив сликата е нереална бидејќи со години не е направен попис кој меѓу другото, треба да даде одговор колку површини се обработуваат и колкав е сточниот фонд во земјава. Ристо Велков од Сојузот на земјоделски производители вели дека попис треба да има пред се, за да се знае каква е бројката на вистински и споредни земјоделци односно на кои земјоделци тоа им е основна, а на кои дополнителна дејност. Така државата ќе знае кои се ,,вистинските“ земјоделци и врз основа на тие бројки ќе се градат идните стратегии.

„Нелигитимно е што релевантите податоците во агросекторот се земаат од базата на податоци со внесените бројки од сферата на субвенции или субвенционирани земјоделци. Мислам дека тоа е нереално и дека имаме лажна политика во секторот земјоделство, бидејки сето она што се субвенцира не значи и дека се обработува или пак, произведува. Истото важи и за растителниото и за животинското производство. Ќе потенцирам дека неминовно е да има попис за да се дојде до релавантни податоци, податоци кои ќе влијаат, како и на кој начин треба да се стимулира земјоделското производство во нашата држава“, истакнува Велков.

Државата не може да гради соодветена аграрна политика ако нема официјални статистички бројки смета универзитетската фела. Професорот од земјоделскиот факултет при штипскиот унивезитет „Гоце Делчев“, Душан Спасов, вели дека статистичките показатели се исклучително важни и суштински за земјоделството. Според него, во земјава не се знае која е старосната структура на земјоделците и дека заради тоа не можат да се градат соодветни стратегии. Не е исто на терен да имате земјоделци кои се работоспособни и земјоделци кои се на прагот на пензионирање, констатира Спасов.

„За една агргарна политика да се спроведе важно е да се знае старосната структура на населинието. За жал, морам да констутирам дека младите луѓе заминуваат од државава. Ако останеме ние, луѓе кои се занимаваат со земјоделство и имаат над 50 односно 55 години, што може да очекуваме“, се прашува Спасов.

Општина Ново Село е земјоделска, но и општина со најголем бран на иселување. Градоначалникот Никола Андонов смета дека сите локални политики што се креираат се прават врз основа на предвидувања и претпоставки. Колку за илустрација, во оваа општина, во која селата се полупразни, според последниот пописот од 2002 има 11.456 грагани, а толку граѓани, во моментов, има и на единствениот избирачки список. Ова, смета тој е нелогично.

,,Во тогашниот попис има направено голема грешка или превид за општина Ново Село. Имаме 11.456 гласачи, а имаме и исто толку жители. Јас уште во првиот мандат барав од Министерството за правда да се исправи оваа грешка, но тие ми одговарија дека ќе мора да чекаме нов попис. Тоа е знак и доказ дека немаме точни податоци за ништо, ниту за креирање политика, ниту за инвистиции во општината. Многу работи правиме врз база на предвидувања, а без точни податоци“, констатира Андонов.

Сите сметаат дека без официјални статистички бројки не може да се креираат квалитетни политики. Без официјални бројка за населението, за неговата структура, за земјоделските стопанства, за големината на потенцијалното обработливо земјиште и неговата искроистеност, за сточниот фонд, не може да се очекува напредок во македонското земјоделство. Претстојниот попис треба да даде база на податоци за да може да се планираат и креираат релевантни развојни политики, пред се, во руралниот дел од државата. Но, за развојот на земјоделството, покрај пописот на населението, потребно е што побрзо да се спроведе и земјодолски попис.

Back to top button
Close