Д–Р Трајановски: Седници на совет во живо и подостапни советници во Аеродром

ИНТЕРВЈУ СО Д – Р АЛЕКСАНДАР ТРАЈАНОВСКИ, НОСИТЕЛ НА СОВЕТНИЧКАТА ЛИСТА НА СДСМ И КОАЛИЦИЈАТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Д – р Александар Трајановски е роден на 03.12.1980 година во Скопје. Денеска е директор на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ во чиј склоп се Универзитетската Kлиника за Tрауматологија, Oртопедски болести, Aнестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентниот центар. Го предводи медицинскиот тим кој за прв пат изведе експлантација на коскено ткиво, како и две трансплантации на коска од починат донор во Македонија. Денеска, д – р Александар е носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром. За неговиот предизвик да влезе во политиката зборуваме во ова интервју.

Д – р Александар, од каде желбата да бидете носител на листата на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром?

– Јас сум доктор по професија, но и активно ги следам политичките случувања во нашата земја. Мојата работа е секогаш приоритет, но како и секој одговорен граѓанин во оваа земја, отсекогаш сум се трудел да бидам информиран за општествените случувања и јавниот живот.

Ние сме свесни дека политиката е присутна насекаде. Кога одиме на пазар – сакаме пониски цени. Тоа е политика. Кога се симнуваме пред зграда – сакаме зеленило и уреден маалски парк. Тоа, исто така е политика. Оттука и мојата желба, мојот порив да влезам во оваа битка. Локалната власт е најблиска до граѓаните и на најконкретен начин можеш да придонесеш за нешто да се промени. Верувам дека со мојот ангажман можам да придонесам за подобрување на животот и секојдневието на своите сограѓани и соседи. Затоа решив да бидам дел од овие локални избори.

Каде се движите во Аеродром, кои се вашите омилени места и од каде надимакот Коска?

– Омилени денови ми се кога има натпревари на МЗТ кои не пропуштам да ги следам во живо веќе 35 години.  Уште кога беа натпреварите во првата и втората кошаркарска лига на поранешна Југославија. Со моите пријатели од населба, кои се многу на број, најчесто се гледам во локалите околу Т.Ц. „Бисер“. Оброците од Џамбо ми се омилени откако знам за себе…Слободното време го користам за рекреација на кејот на Вардар.

Голем дел од неделата поминувам во Мајчин Дом, кој е во склоп на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, каде вршам прегледи на деца од најмала возраст.

 

Надимакот Коска, ми остана уште од 3-то одделение додека учев во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“. Се започна поради мојата конституција како дете, но подоцна излезе дека е идеален надимак поради мојата определба и љубов кон ортопедијата (се смее).

На овие избори сме сведоци дека голем дел од Вашите колеги, од лекарската фела се кандидати за градоначалници, советници, носители на листа. И ова е присутно кај сите партии. Зошто докторите имаат толкава желба за да влезат во политиката?

– Мислам дека отсекогаш во рамки на политичките партии имало доктори. Дел од нив биле пратеници, советници, претседатели на партиските комисии или совети за здравство. Така што, не е новитет присуството на лекарите и во политиката. Да, на овие избори повеќе мои колеги се кандидати за градоначалници и советници и тоа е резултат на повеќе причини. Лекарите, докторите вршат една хумана, благородна работа и нормално е политичките партии да сакаат да негуваат соработка со нас, затоа што реално и ние контактираме со голем број на граѓани, ги слушаме нивните проблеми, се обидуваме да им помогнеме… Сепак, знаеме дека во политиката има и многу правници, економисти, архитекти и сл. Па, зошто да не и лекари?! Секако, најважно е секој да влегува во политиката со определена мисија и цел. Јас сум носител на советничка листа затоа што сметам дека можам да влијаам на обединувањето и заедно да направиме поинаква општина, хумана заедница која одговара на потребите на граѓаните и која води сметка за сите генерации на граѓани.

Локалните совети кај нас се уште се сметаат како гласачка „машина“ на партијата на власт. Таму сèможе да помине, секој ДУП да биде аминуван и јавноста нема механизми да ги следи седниците на Совет? Кои промени ги ветувате во општинскиот совет во Аеродром?

– Со Вашите констатации можам делумно да се согласам.Најпрво, по демократските промени во Македонија, сметам дека граѓаните, организациите, целокупната јавност многу побудно ги следи сите процеси, па така и локалните. На седниците на Совет учествуваат и граѓани, заинтересирани страни, но ќе се согласам дека советите и советниците недоволно известуваат за својата работа и не се континуирано присутни на терен. Затоа сметам дека седниците на совет треба да бидат јавни. (независно дали тоа ќе биде преку Youtube, социјални мрежи и сл.). На тој начин, граѓаните ќе имаат поголем увид во нашата работа, а и советниците ќе чувствуваат поголема одговорност. Колку од граѓаните ги знаат советниците од својата населба? Не многу. Затоа, ќе иницирам редовни средби на советниците во урбаните заедници, почести средби со граѓани и маалски форуми за локалните проблеми. Советот е претставнички орган на граѓаните и недозволиво е да имаме анонимни советници кои не се достапни за своите гласачи. Тоа што сме избрани од нашите сограѓани, треба да го оправдаме, а на секој од нас треба да му биде чест и одговорност извршувањето на оваа позиција. Затоа што за нас гласаат граѓани од населбата во која живееме. Тоа се наши соседи, пријатели, познаници.

 

Што е она што како советник би го направиле, предложиле во првите 100 дена од мандатот?

– Ќе предложам да реализираме бесплатни ортопедски прегледи за учениците од основните училишта. Трендовите на светско ниво покажуваат дека и младите имаат проблеми со ‘рбетниот столб. Намалената физичка активност, почестото неправилно седење на мобилен телефон, компјутер придонесува за вакво нешто. Важно е да се откријат недостатоците на време и да имаме континуирана физичка активност. Секако, ќе инсистирам и на навремена реализација на изборната програма на СДСМ. Ветувањата за повеќе маалски паркови, 2 нови градинки, затворање на Усјански канал не смеат да останат само на хартија туку да почнеме да ги реализираме од првиот ден.

Дали се познавате со кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Александар Филиповски – Цанде?

– Уфф… зарем има некој кој не го знае Цанде во Аеродром (се смее).

Се познаваме долго време, како и сите други аеродромци. Се познаваме од маало, од баскет… Мислам дека аеродромци немале подобра шанса од оваа, да изберат буквално свој човек за градоначалник.

Која е вашата завршна порака до граѓаните? Кампањата поминува, но гледаме една монотонија, речиси исти патувања, еднолични спотови од партиите. Зошто да гласаат за советничката листа предводена од Вас и зошто да гласаат за Филиповски?

– Кампањата за локалните избори трае малку подолго, секако ако има и втор круг…  Ако ме прашувате искрено, промотивен спот, флаер или друг изборен материјал тешко дека може да убеди некого. Нов сум во политиката и не би сакал да започнам со преземање на партиската реторика. Имам многу свои идеи и ќе останам доследен на тенденцијата да ги реализирам. Затоа кампањата ќе ја искористам за повеќе тет – а – тет средби со граѓани, поединци, организации. Нема ништо посилно од искрениот збор, од ракувањето и слушањето на проблемите. А, доктор сум и имам и трпение и разбирање да ги слушам другите, а потоа и да помогнам на начин на кој што можам.

Граѓаните треба да излезат на избори и да гласаат, затоа што апатијата придонесува за поголема неодговорност на политичките партии. Излезете, дајте го својот глас и чувајте го изборниот материјал, чувајте ги програмите и следете дали се реализираат по определената динамика. Одговорна јавност придонесува и за поодговорни политичари и носители на одлуки. Незаинтересирана јавност е погодна за подем на корупција и поткупливи функционери. Од нив сме се изгореле повеќе пати. Гласајте. Изборот е јасен.

Back to top button
Close