Филипче им кажал на француските сенатори дека Македонија е заглавена кон ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Собранието на делегацијата од францускиот Сенат ѝ изразил сериозна загриженост за евроинтегративниот пат на Македонија и за начинот на кој владата го води процесот.

„Лично многу загрижен за евроинтегративниот пат на земјата и за перформансот кој што оваа влада го има во изминатиот период во неколку сфери. И тоа е перформанс на кој што забелешки имаат дадено европските институции, влезени се забелешки во репортите на Европската комисија во неколку важни сфери“, рече Филипче.

Тој посочил дека особено загрижува состојбата со владеењето на правото, особено во однос на јавно мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на премиерот.

Филипче посочил дека премиерот ги напаѓа одредени судии и обвинители, што е недозволиво. А со недоволниот буџет за правосудството не може да има независно судство.

Тој имал сериозни забелешки за медиумскиот плурализам, за кои Европската комисија веќе нотираше притисоци и проблеми.

„Во нашата земја, околу 40 отсто од медиумите се во сопственост на луѓе близки на поранешниот премиер Виктор Орбан, премиерот на Унгарија. Телевизиска станица, портали… Меѓутоа во изминатиот период сме сведоци дека голем притисок и влез на српски медиуми во земјата и тоа на многу незаконски начин, затоа што постојат канали кои што доаѓаат преку српскиот Телеком и кои што имаат незаконски добиена лиценца од страна на независниот регулатор“, рече Филипче.

Филипче предупредил дека времето минува и дека Македонија ризикува да остане надвор од процесите што веќе се отвораат за други земји.

„Ако оваа влада обезбеди подобри услови во преговорите или гаранција дека во иднина нема да бидеме повторно блокирани на евроинтегративниот пат, ние тоа ќе го поддржиме. Но се поставува прашањето што доколку нема и не се обезбедат гаранции, и докога ќе се обидуваат да се обезбедат некакви гаранции, затоа што времето поминува“, рекол Филипче.

Back to top button
Close