Сексистичките напади средство за подигнување бариера помеѓу жените и политиката
Сексистичките напади и системската родова нееднаквост претставуваат средство за подигнување бариера помеѓу жените и политиката. Оваа бариера, иако навидум мала, може да предизвика повлекување на жените од политичкиот простор во кој сексистичките напади најчесто си наоѓаат свое засолниште. Тоа е така бидејќи во борбата за власт и моќ, политичарите не избираат средства, па нападите најлесно може да се протнат, а неретко и да се оправдаат поради политичката атмосфера.
Спот во кој се користат ликови изрежани од картон и се предмет на тргување од типот „дај ми го – на ти го”, „џирло девојка” како опис за министерка, став на политичар кон негова колешка дека „треба да биде домаќинка наместо да се занимава со политика”, сексистички и шовинистички коментари врз политичарка што се појавува во изборна реклама, се само мал дел од меѓупартиските напади за кои сведочевме изминатиот период во нашата држава и кои во голема мера ја покажаа суровата корелација помеѓу политичарките субјекти, кога на едната страна се наоѓа жена.
Бидејќи сексистичките напади врз жените политичари се најмногу експонирани во јавноста, тежината е поголема, вели политичарката Тамара Михајловска, која се има соочено со овој вид напади.
– Приватниот живот е дополнително изложен на јавни критики. Тоа може да влијае на политичката кариера во насока на намалување на професионалните политички успеси или повлекување од политиката, а воедно и негативно да се рефлектира на приватниот живот, вели Михајловска.
Михајловска е млада политичарка која се појавува во рекламен спот на политичка партија, а веднаш по објавувањето, во јавноста следуваше цунами од невкусни коментари, омаловажувања и сексистички напади од страна на политички субјекти.
Таа ова искуство го опиша како навреда врз својата личност, но и навреда кон женскиот род.
– Поради константното соочување на жените од политиката со сексистички напади и дискриминација изминатите години, јас кога станав кандидат за пратеник делумно и го очекував тоа. На некој начин тоа и се прифаќа како новото „нормално” и тоа е она што треба да се смени; секако, тие напади кон мене лично негативно се рефлектираа и се почувствував навредена како личност, а посебно како претставник од женскиот род, вели Михајловска.
Љупка Трајановска од Платформата за родова еднаквост оценува дека кај луѓето секогаш постои одбивност кога ќе видат жена политичар затоа што се навикнати да гледаат возрасни мажи во костуми.
Дека тоа е така, според Трајановска, покажуваат бројките од пракса. Како што вели таа, од вкупно 660 избрани градоначалници во период од 25 години и седум круга локални избори, само 18 се жени. Воедно, во периодот од 2005 до 2021 се кандидирале 104 жени за градоначалници, а од нив само 15 биле избрани.
– Ваквите резултати не ги мотивираат жените да се вклучуваат во политиката, поентира Трајановска.
Поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска која исто така се има соочено со сексистички напади, вели дека се неправедни, навредливи и деградирачки.
– Тоа што имав прилика ова да го почувствувам на своја кожа ми претставува мотивација за уште повеќе да се залагам и придонесувам во иднина за еднаков свет во кој жените имаат еднави права, можности и третман. Не смееме да дозволиме вакви напади кон женскиот пол без разлика дали во политиката, во семејствата, во бизнис светот, затоа што е на штета на сите нас и нашиот развој како општество. Еднаквоста не е избор, туку неопходност ако сакаме да го направиме овој свет подобро место за сите, порачува таа.
Во текот на последните 20 години, процентот на жени во политиката низ целиот свет се зголеми од 13 проценти во 2000 година на 25 проценти во 2020 година. Некои региони постигнаа поголеми придобивки, како што е Африка, каде што бројот на жени на политички функции се зголеми од 11 на 24 проценти. Арапските држави, исто така, бележат значителен пораст, од 3 на 17 отсто. Уделот на жени претседателки на парламенти, исто така, се удвои во текот на изминатите 25 години.
Според Ангеловска, ова е пракса и во Законодавниот дом, но жените се соочени со многу поголеми предизвици.
– Се зголемува бројот на жените и во Законодавниот дом, но по која цена?! Жените кои се вклучени на високи политички функции им се „спротиставуваат” на општествените норми и често се стигматизирани и се мета на напади – не само од нивните полити чки конкуренти, туку понекогаш и од медиумите, нивните заедници или нивните семејства. При тоа трендот е загрижувачки, жените се повеќе се антагонизираат со сексистички говор на омраза, појаснува Ангеловска.
Навредите кон жената, бидејќи е жена, ја ставаат многу скали под мажот и влијаат на начинот на кој таа се доживува, се рефлектира на тоа колку смета дека е способна или неспособна, успешна или неуспешна поради својот род, велат психолозите.
– Сексизмот е штетен. Жената се чувствува помалку вредно, може да почне да се повлекува, да избегнува и да се разболува. Таа е исплашена, несигурна, појаснува Розалија Секулоскa, современ психотерапевт по когнитивно-бихевиористичка психотерапија.
Сексистичкиот напад, како и црната кампања има за цел да дискредитира
Повлекувањето на политичарките од политичкиот простор предизвикано од претрпеното понижување е само една од последиците во низа, а тие последователни напади добиваат интензитет, особено во предизборниот период.
Политичкиот аналитичар и професор Денко Малески, смета дека сексистичките напади и црната кампања имаат иста намера, а тоа е да се дискредитира противникот.
Тој потенцира дека предизборната атмосфера дополнително придонесува за кулминација на, како што вели, постојната политичка култура.
– Ништо ново не се случува. Само се зајакнува интензитетот. Ако нема пристојност во комуникацијата, сешто излегува од устите на политичарите. Инаку, да си непристоен е најлесната работа на светот, за пристојност треба напор, заклучува Малески.
Според Секулоска, живееме во земја што сѐ уште ја негува традицијата на патријахалното општество. Таа смета дека иако оставаме впечаток на европска земја, сепак сексизмот постои во домот, на работа, на улица и тоа во разни форми, како навреди, силување, физичко и психолошко малтретирање.
И Љупка Трајановска се согласува дека сѐ уште се наоѓаме во патријархално општество. Таа вели дека кога станува збор за жените политичари, секогаш се доведува во прашање нивната способност да бидат член на семејството и да работат истовремено.
– Не си доволно добра мајка бидејќи си одлучила да градиш кариера, истовремено не можеш да бидеш успешна во кариерата, бидејќи си мајка и не можеш доволно да се посветиш на кариерата. Повторувањето на овие коментари од јавноста, соработниците, блиските, создаваат психолошки притисок кај жените да се повлечат од јавниот свет и да не го остварат целосно својот потенцијал, истакнува Трајановска.
Имено, онлајн анкета направена за целите на овој текст во октомври оваа година врз две целни групи, возрасни жени и студенти, покажува дека барем кај овие испитаници младите имаат поголема свест во однос на сексистичките напади.
Па така, на прашањето дали политичарките треба да бидат подготвени да истрпат сексистички или вербални напади бидејќи се одлучиле да бидат дел од политиката, од вкупно 198 млади, тројца одговорија со „да”, додека останатите одговорија дека насилството е насилство без разлика на функцијата. Кај возрасните жени, пак, ситуацијата е поинаква. Од 211 испитанички, дури 24 одговориле дека политичарките треба да се свесни во што се впуштаат, а со тоа да истрпат и вербално насилство.
Некои од испитаничките во своето објаснување, сексистичките, односно вербалните напади, ги поистоветуваа со критиката.
– Апсолутно да, зашто тие во моментот иритираат и немаат позитивен атрибут, вели една од испитаничките.
Друга се надврзува дека е нормално да бидат критикувани доколку не си ја извршуваат обврската за која се поставени.
Според Трајановска, постојат повеќе објаснувања за ваквата состојба.
– Непостоењето женска солидарност, недоволната поддршка од страна на мажите политичари и партиската послушност се главни внатрешни фактори за неучеството на жените во политиката. Со години наназад можеме да забележиме дека нападите врз жените политичари во печатените медиуми, но и на социјалните мрежи, се многу поголеми, почести и посурови бидејќи во голем дел се темелат на приватниот живот и избори, а не на професионалниот. Критика базирана на релевантни факти речиси и не постои, вели таа.
Образованието клучен фактор за спречување насилство врз жените во секоја сфера
Подигнување на свеста кај возрасното население и учење на децата на ненасилно однесување и ненасилна комуникација се клучните решенија. На тој начин, велат соговорниците, би се спречило насилство врз жените во секоја сфера од општеството, вклучувајќи го и насилството врз жените во политика.
– Кога ќе се реши проблемот со стереотипите и сексистичките напади, ќе се реши и проблемот со родовата еднаквост, потенцира Трајковска, ставајќи акцент на потребата од воведување сеопфатно сексуално образование во основните училишта.
Сексистичките напади или вербалното насилство врз жените во политиката во голема мера се тесно поврзани со родовата нееднаквост. Оној момент кога ќе се реши проблемот со ваквите напади, ќе се подобри и ситуацијата со родовата нееднаквост. Жените ќе бидат похрабри и со поцврсти чекори ќе можат да учествуваат во секоја сфера во општеството и да носат одлуки, без притоа да стравуваат дека ќе бидат омаловажувани и навредени само затоа што се жени.
Потребата од подобрување на положбата на жената во политичката сфера во државата е очигледна доколку се погледне бројот на кандидати и бројот на избрани градоначалнички на последните локални избори. Каде од вкупно 299 кандидати, 25 беа жени, што значи многу повеќе мажи од жени седнаа во градоначалничките фотелји откако на 31 октомври, по вториот круг на локалните избори, се дефинираше конечниот изглед на новата локална власт.
Данела Арсовска во Град Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане се единствените градоначалнички во следните четири години.