IDIOTS UNLIMITED или Kако паѓаат автократии

Љубомир Д. Фрчкоски

Што сме ние? Во збирот на поими во политикологијата за ваков вид режими: хибридни, транзициски стабилократии-автократии, компетитивни автократии, го бираме терминот компетитивна автократија. Затоа што е најблиску до описот на содржината и формите на деформацијата на востановените демократски стандарди и искуства на век и пол демократски режими (со сите нивни национални особености и плурализам).

Љубомир Д. Фрчкоски

Ваквиот систем политичкиот плурализам го празни од неговата основна цел: правда и еднаквост низ демократски процедури, и ја деформира демократијата на начин што ја сведува само на изборна демократија (и таа со мани, но нејсе).

Се одржува терминот „демократија“, поврзан само со изборните инструменти и партискиот плурализам, без либерални содржини на човековите права, а без кои таа е невозможна или станува и-либерална (поим кој Михаил Игнатиев го означува како оксиморон или себе-противречен, а Филип Пети како невозможна демократија). Ваквиот политички систем:

Не воспоставува никогаш нормално владеење на правото и под постојан притисок се обвинителствата и судството за партиски пресметки и ширење репресија, страв и закани како основна клима во општеството;

Медиумите се злоупотребени и претворени во основна алатка на пропагандната борба. Всушност, главната политичка дебата и борба е префрлена во пропагандни слики за неа, во симулакрум на политичка динамика, зад која се воспоставува груба медиумска доминација на партиските и бизнис-кланови на власта;

Бизнисот и економијата никогаш не се поставени на нозе (макар и капиталистички, а камоли социјално одговорни, еколошки одговорни и развојни), туку се претворени во машина за политичко богатење на владејачките елити и со тоа корупцијата е подигната на ново застрашувачко ниво како структурна корупција, која е нормализирана со ставот на автократот дека секој во политиката е корумпиран како нормална состојба на бивање во позиција на управувачка моќ;

Образованието, како долгорочно втемелување на вредностите за себе, животот и општеството, е под најболен структуриран удар со простачко затапување, конзервативно или квази-конзервативно патријархално-нормативно силување на развојот и слободата кон телото и знаењето на младите луѓе (во кое, за жал, и злоупотребата на религијата наоѓа свое место). Образованието се разбира, истовремено, како опасност и како ресурс, но акцентот е на стравот од него и структурно се дефондира/обеспарува.

 

Западнобалканските компетитивни авторитаризми, какви што се македонскиот и српскиот, да ги земеме само нив за пример бидејќи се покажуваат чудно поврзани, дополнително, како идеолошки инструментариум за узурпација на власта се потпираат на манипулација со минатото и историјата.

 

Авторитарната политика на сеќавањето и националната колективна меморија се засноваат на фантазии за мачеништво, жртвување и постојана наводна борба за признавање на истото; една патолошка виктимологија која станува основно политичко гориво за одржување на стравот и мобилизација на населението и делегитимација на противниците. Нацијата која е претворена во жртва и која постојано трепери од страв дека непријатели од сите страни ѝ се закануваат полесно ја прифаќа авторитарната власт која глуми дека само таа ја разбира и заштитува.

 

Во такво општество опозицијата не е политички противник, туку предавник, независните новинари не се коректив на власта и трагачи по факти, туку странски платеници, а граѓаните кои бараат одговорност се соучесници во предавството на државата.

 

Општеството тоне во глиб, каде што лагата и вистината стануваат неразделиви. Во еден магичен универзум на илузии структурирани со митови и наративи, каде што никакви аргументи и факти не можат да влијаат.

Идеолошката верба на таквиот систем, неговиот базичен цинизам, се состои во тоа да се претстави како непроменлив и единствено вистински, имено дека секоја борба за промена е всушност невозможна. Дека граѓанинот стои пред само една опција да се прилагоди на она што го опишавме претходно како „граѓанска послушност“.

 

Оваа националистичка мобилизација финално треба потполно да ја потисне нормалната расправа во демократиите околу: корупцијата, одговорноста и квалитетот на животот на граѓаните.

 

Факт е дека во општествата без либерална традиција таквата власт може долго да „вози“ таков систем: Груевски 11 години, Вучиќ 14 години, а Мицко, како аматер, се обидува да ре-воспостави таков систем во првите 3 години од мандатот. Прашањето кое сакам да го поставам, драги мои, е: Каде, наспроти прангите на граѓанската послушност, се мобилизациските енергии за промена во таквите системи?

 

Трошењето на власта е различно во различни култури. Македонската е култура на траење и трпење и не е изгледна за реакции во борбата за права. Но има граница на гневот во секоја култура и општество. Кога ќе се помине тој раб, се создаваат услови за мобилизација која може да сруши автократски режим. Тоа знае да биде траљаво и недовршено, како кај нас по „шарената револуција“: недочистени гадови, многу компромиси, сè уште силна парламентарна група на диктаторот во бегство и сл. Но промени дојдоа. Кај Србите е уште потешко поради културата на потиснување на уроците од поразите во блиската историја и страотната трагедија на сеќавањето, кое всушност беше опиум на лажна големина и заборав на злосторствата. Ја предводеа злосторничките остатоци на поразените националисти од војните во деведесеттите со идеологија на циклична историја која се враќа и на освета за минатите порази. И тоа се повторуваше и повторуваше во втемено насилство, што речиси уништи една култура на слободарство и просветеност која кај Србите постоеше. Сега и кај нив се отвори прозорец на надеж!

Границите на гневот на сите протести на студентите, работничките здруженија и осиромашените средни слоеви низ Европа се, во основа, истите теми како и кај нас на Западниот Балкан: неиздржливите разлики во богатството внатре во општеството, кои практично се одразуваат на трошоците за живот на најранливите слоеви или класи, ако сакате: сè посиромашни се, ефектот на капење на богатството одозгора кон долу, „trickle-down effect“, надежта на неолибералниот капитализам не функционира; тоа осиромашување се поврзува со корупција во владејачките слоеви на државата и таму се гледа причината.

 

Второ, осиромашувањето на најбунтовните и сè уште неинтегрирани слоеви во системот, студентите, нивниот мизерен живот, лошиот стандард и сè полошите услови за учење зоврива.

 

Тоа се двата основни столба на бранот кој носи реформи или руши авторитарни режими. Не е комплицирано да се разбере, иако е тешко во изведба и различно од случај до случај.

 

Тригерите на протестите можат и се различни: паѓање на некоја настрешница и жртвите на коруптивното градење-крадење; Алта-банка и финансиските коруптивни кругови на премиерот и власта; мислев дека ќе биде трагедијата во Кочани, произлезена од корупцијата на владејачкиот систем (но Македонците како да се обидуваат бесрамно да го потиснат и заборават тоа); убиство на некого од полициско насилство, некаде, бивањето трета земја на европско ниво по број на фемициди и редица трагедии кои се дел од нашето секојдневие.

 

Тоа се условите и тригерите, но останува третото клучно, мобилизацијата на движењето за промена, за она „доста е“ на групите кои се среќаваат со планови за промена, на „телата едно до друго на улиците“ (Батлер), на тоа дека не знаеме сè што ќе дојде – но овие мора да си одат. За таа волшебна енергија на демократијата на Рансие, маршираат тие кои не се вклучени, les misérables, чие место системот не го најде, а кои сега се солидарни и кои со насмеани лица се судираат со насилството на режимот. Но кои, немајте сомнеж, во повторното искуство на промена ќе им се наебат миле мајке на сите до еден гадови на корумпираните власти, и тоа нема повторно да го испуштат од рацете на некоја нова политичка партиска слаткоречивост. Всушност, ќе вклучат секого кој е солидарен со ваквиот фронт, но без целосна доверба во никого посебно.

 

Тоа е драгоценото искуство од организацијата на студентското движење во Србија, кое станува општо добро на „револуцијата која тече“ (Че). Во Македонија се споредува со искуствата на обоената револуција и се носат заклучоци: дека односот на граѓанските организации и опозициските партии кои стојат во фронтот против корумпираната авторитарна власт треба да се преосмисли и реорганизира во насока: граѓанските и студентските организации остануваат во политиката и по падот на власта. Нивните кадровски и програмски решенија остануваат релевантни и одлучувачки во обновата.

 

Секое кадровско решение за позиција мора да добие согласност од Форумот на невладините организации, кој тие би го создале во процесот на борбата, и од Форумите на студентите исто така, како и од телата на опозициските партии кои се во „фронтот“. Тоа се вистинските отворени листи за кои толку многу се говореше во реформите на изборниот систем. Една слика, која ќе ја поткрепи оваа не-толку-далечна политичка имагинација е токму амфитеатар, полн со студенти кои ја следат конститутивната седница на српскиот парламет по промената на власта. Пред само декада, ве потсетувам, полни амфитеатри како средиште на политичко одлучување и располагање со моќ за промени, имавме и кај нас. Понатаму, сите судски процеси и испитувања на корупцијата, оставките исто така се дискутираат, а одлуки се носат, како во српските студентски платформи, за нивно процесирање и правично завршување.

Без таква правно-политичка катарза повторно се ризикува застој на промените на половина пат, по што борнираната коруптивна елита се консолидира побрзо од прогресивните сили.

 

Back to top button
Close