Левица: Јаневска дрско ја игнорира обврската за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата
Партијата Левица ја обвини министерката за образование и наука Весна Јаневска дека свесно ја игнорира законската обврска за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со стапката на инфлација. Реакцијата на опозициската партија следува по синоќешното гостување на Јаневска во емисијата „360 степени“.

Логотипот на политичката партија Левица
Оттаму како дрзок и арогантен го оценуваат начинот на кој, како што велат, министерката и власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ го третираат студентскиот стандард, осврнувајќи се притоа на нејзината изјава во интервјуто дека ќе се чека надлежен суд да одлучи по тужбите поднесени од невладина студентска организација и Либерално-демократската партија (ЛДП) во врска со ова прашање.
„Дотаму оди дрскоста на оваа власт што студентите, покрај секојдневната битка со поскапувањата и мизерниот студентски стандард, сега мораат да водат и судска битка за сопствените законски загарантирани права“,велат од опозициската партија.
МОН и власта штедат на грбот на студентите, обвинуваат од Левица
Според соопштението на Левица, студентите се оштетени за околу 400 милиони денари поради неусогласувањето на износот на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата. Од партијата го отфрлаат образложението на министерката за образование и наука дека во Законот не е прецизирано кој треба да го изврши усогласувањето.
„Членот 2 од Законот за субвенциониран студентски оброк експлицитно предвидува усогласување на износот со инфлациската стапка по секоја фискална година, а пред донесувањето на Буџетот за следната година, додека членовите 3 и 13-а токму Министерството (за образование и наука) го задолжуваат за надзор над спроведувањето на Законот“,наведуваат од Левица.
Оттаму додаваат дека веќе поднеле тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради непостапувањето на Министерството за образование и наука (МОН). Партијата потсетува дека парламентарното мнозинство веќе ги одбило предложените законски измени што тие ги предложија во септември годинава, како и амандманот во рамките на расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Од партијата најавуваат дека повторно ќе поднесат предлог за измена на законот, а веќе, велат, имаат поднесено амандман на предлог-буџетот за 2027 година.
Што кажа Јаневска
Инаку, во интервјуто за „360 степени“, емитувано синоќа на МРТ1, министерката Јаневска потврди дека во законот е предвидено усогласување со инфлацијата, но посочи дека таму е утврден фиксен износ од 140 денари и не е наведено чија е обврската за корекција. Таа најави дека МОН можеби ќе побара автентично толкување од Собранието, но дека во моментов ги чека исходите од судските постапки по поднесените тужби од невладиниот Форум за образовни промени и од Либерално-демократската партија, која сè уште не е пристигната во Министерството.
„МОН не може да носи управен акт оти законот не му дава такво право. И има две тужби. Ќе почекаме да видиме што ќе одлучи судот, веројатно ќе стигне и третата. Како ќе одлучи судот, ние така ќе постапиме, тука нема дилема“,изјави Јаневска.
На прашањата за реалната вредност на оброкот, министерката пресмета дека усогласувањето само за оваа година би изнесувало седум денари, додека со пресметка на инфлацијата од пред три и пол години, износот од 140 денари би се искачил на 161 денар.
Јаневска информира дека во предлог-буџетот за 2027 година се предвидени дополнителни два милиони евра за студентски стандард, при што дел од тие средства би можеле да се наменат за оброкот доколку се постигне поинакво системско решение.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервјуто за „360 степени“ емитувано синоќа (23 ноември 2026 г.) на МРТ 1
Промената на постојниот модел таа ја поврза со сè уште необјавена анализа на организацијата „Вестминстер“, според која дел од студентите и родителите посочиле дека парите од субвенцијата се трошат за други намени, а не за храна.
„Идејата е дека тие средства што државата ги дава на студентите треба да се користат за вистинската намена. И ако од 1 октомври, а јас сум длабоко убедена дека ние ќе почнеме со новиот модел, тие средства децата ќе си ги користат за оброк, плус ќе имаат 20% попуст и на тие средства и на сè друго што ќе си купат во таа продавница“посочи министерката во интервјуто.





