„Власта со новите закони ѝ дозволува на индустријата сѐ повеќе да загадува, а ни прави рекет на нас, обичните смртници, со двојни даноци“: „Зелен хуман град“ за воведувањето еколошки налепници
Новите измени на Законот за возила, со кои се предвидува воведување еколошки налепници и дополнителни давачки за постарите автомобили, ќе го зголемат финансискиот товар врз граѓаните со најниски приходи, предупредува „Зелен хуман град“.

Од иницијативата сметаат дека наместо да се насочат кон најголемите загадувачи, надлежните повторно го префрлаат товарот врз граѓаните. Посочуваат дека сопствениците на возила веќе плаќаат надоместок според Законот за животна средина, а со новите измени би плаќале и дополнителен надоместок за еколошка категоризација.
Според „Зелен хуман град“, истражувањата на Град Скопје покажуваат дека дури и целосното запирање на сообраќајот би имало занемарливо влијание врз загадувањето во периодите со високи концентрации на штетни материи. Други истражувања, како што наведуваат, потврдуваат дека влијанието на сообраќајот е претежно локално, односно најизразено во непосредна близина на улиците.
Од иницијативата ја поздравуваат најавата за построги контроли на станиците за технички преглед, но сметаат дека не е праведно во иста категорија да се ставаат сопствениците на скапи автомобили што испуштаат црн чад и граѓаните кои возат постари и поевтини возила поради ограничените финансиски можности.Како еден од главните проблеми го посочуваат недоволниот надзор врз индустриските загадувачи. Особено ја издвојуваат цементарницата „ТИТАН Усје“, обвинувајќи дека нема јавен мониторинг достапен во реално време, додека државата не спроведува доволно темелна контрола и строга регулација на индустриското загадување.
„Зелен хуман град“ смета дека институциите треба да го променат и начинот на загревање на јавните објекти, меѓу кои болници, училишта и градинки, кои сè уште користат мазут, дрва и други загадувачки горива.
Во реакцијата се посочува и дека недоволните државни инвестиции во обновливи извори на енергија придонесуваат за повисоки трошоци за граѓаните, додека, според иницијативата, државното земјиште се отстапува на приватни инвеститори.
Од „Зелен хуман град“ заклучуваат дека предложените мерки создаваат привид на борба против загадувањето, додека финансиските последици повторно ги чувствуваат најранливите граѓани. Наместо дополнително да ги оптоваруваат домаќинствата, бараат посериозен надзор и одговорност од големите индустриски загадувачи.





