Папата Францискo имал визија за ѓаволот и за пеколот
Папата Франциско, кој почина во април 2025 година, од 2021 година минувал низ двегодишна духовна криза, за време на која имал визија за ѓаволот и пеколот. Тој ги чувствувал искушенијата на ѓаволот и го доведувал во прашање својот начин на управување со Католичката црква, открива збирка од неговите приватни дневници објавени денеска.

Во дневничките записи, подготвени за книгата од неговиот близок соработник кардиналот Виктор Фернандез, се наведува дека Франциско се борел да не стане некој што „управува со луѓето како со кукли“. Книгата не појаснува на кого мислел папата. Во запис од декември 2022 година, тој ја опишал својата криза со зборовите: „Сето ова беше испреплетено со проблеми со управувањето, притисоци околу донесувањето одлуки и чувство на празнина и очај“.
Папата Франциско се сметал за реформатор кој се стремел да ја отвори конзервативната Црква, поради што се соочил со силен отпор од конзервативните кардинали. Тие се спротивставиле на неговите напори од страв дека ќе го омекне учењето на црквата.
Книгата насловена како „Приватен дневник на папата Франциско“ ги содржи записите што аргентинскиот папа, првиот поглавар на Црквата од Америка, ги чувал во мал планер од 1992 година. Записите се протегаат до август 2024 година, осум месеци пред неговата смрт на 88-годишна возраст. Дневниците нудат редок увид во верата и внатрешните борби на покојниот папа, особено затоа што повеќето папи во модерната ера наредиле нивните списи да се запалат по смртта. Последниот папа чии дневници биле објавени бил Јован XXIII, кој починал во 1963 година.
Кардиналот Виктор Фернандез не ги објавил комплетните дневници во книгата, туку извадоци и ги поделил по тема. Овие записи од 160 страници најчесто не се занимаваат со конкретни настани или ватикански службеници, туку се фокусираат на духовниот живот на Франциско.
Папата бил убеден дека Бог му зборува во неговите соништа, но и дека лично го видел ѓаволот и влезот во пеколот.
Во запис од јануари 2021 година, од почетокот на неговата духовна криза, Франциско споменува три моменти од својот живот кога верувал дека го видел ѓаволот. Една од тие средби се случила додека тој веќе бил папа, за време на состанок со претставници на Ватикан.
„Не можам да ја заборавам таа силна засипнатост на неговиот глас“, напишал Франциско за таа визија.
„Господ ми даде можност да го напуштам тој состанок и така ме ослободи“.
Дополнително, во јуни 2018 година, Папата имал визија за пеколот.
„Синоќа го видов влезот во пеколот. Ѕирнав внатре и тоа ме исплаши до смрт“, напишал тој.
„Ја зграпчив бројаницата како оружје. Му благодарам на Господ за таа помош“.
Кардиналот Фернандез пишува во книгата дека покојниот папа „конечно признал дека тоа било најтешкото искушение што го мачело… и дека чувствувал дека постојано се бори да не подлегне на таа демонска заводливост“.
Фернандез, исто така, се присетил на состанок од 2023 година. Потоа еден бискуп го прашал папата зошто не казнил неименуван ватикански службеник кој јавно зборувал лошо за него. Франциско, според Фернандез, објаснил дека чувствува силен нагон во срцето дека Бог не сака тој да стане „кукла која ги користи луѓето и ги манипулира како што му одговара“.
За сопствениот избор за поглавар на Црквата, Франциск напишал само една реченица во јули 2013 година, четири месеци по конклавата: „Ме избраа за папа на 13 март“.





