„Истрага за Алта банка мора да има и да се прошири со Алта осигурување“, вели СДСМ
СДСМ преку соопштение бара истрагата за влезот на Алта банка во македонскиот финансиски сектор да го опфати и преземањето на осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија, кое, според партијата, било купено за околу 1,7 милиони евра.

Од СДСМ обвинуваат дека по влезот на Алта банка во банкарскиот сектор, на компанијата поврзана со Давор Мацура ѝ било овозможено проширување и во осигурувањето. Партијата бара да се утврди од кои средства е платено преземањето, од кои сметки биле извршени трансакциите и дали било проверено потеклото на парите.
СДСМ бара од Агенцијата за супервизија на осигурувањето да одговори дали бил проверен можен судир на интереси, кој учествувал во одлучувањето и дали биле применети истите критериуми како и кај другите осигурителни друштва.
Од партијата велат дека добиле информации од свиркачи според кои барањето за преземање на осигурителното друштво било обработено за само два и пол дена. Бараат да се утврди какви проверки биле направени во тој период, кој ги спровел и врз основа на која документација била дадена согласноста.
Дополнително, СДСМ тврди дека според информациите што ги добиле, во трансакцијата наводно посредувала брокерска куќа во сопственост на братот на Дракуловска, претседателката на Советот на експерти на АСО.
Партијата бара Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и АСО да ја објават целосната документација за двете преземања, вклучително и хронологијата на постапките, датумите, мислењата, согласностите и имињата на лицата што учествувале во одлучувањето.
Во соопштението, СДСМ ги обвинува Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека со најавите за спас преку продажба на банката се обидуваат да избегнат проверка на сметките и трансакциите. Партијата бара обвинителот Савески да постапи независно и во согласност со законот.






