Казна од 2.000 евра за нечитливи таблички: Грција подготвува нови сообраќајни правила

Нови правила за возачите, повисоки парични казни и поголема контрола при полагањето возачки испити се предвидени со предлог-закон што го подготви грчкото Министерство за инфраструктура и транспорт. Меѓу најзначајните измени е казната од 2.000 евра за возила со нечитливи регистарски таблички.

Предлогот беше објавен за јавна расправа на 21 ноември, а неговите главни одредби ги пренесе грчкиот јавен сервис ЕРТ.

Доколку регистарските таблички на возилото не се јасно видливи или не можат да бидат препознаени од камерите за сообраќаен надзор, сопственикот ќе се соочи со казна од 2.000 евра и одземање на возачката дозвола на 60 дена. Санкцијата ќе се применува и кога само една од табличките е нечитлива, независно од причината.

Со новите правила се предвидува и ограничување за управување со автомобили со моќност над 340 коњски сили. Со таквите возила ќе можат да управуваат само лица постари од 22 години, кои имаат најмалку три години возачко искуство. Дополнително, новите возачи ќе мора да постават посебна ознака на автомобилот во првата година од добивањето на возачката дозвола.

Поголема контрола ќе има и при полагањето на практичниот дел од возачкиот испит. Секое полагање ќе се снима со таблетот на испитувачот и преносна камера од 360 степени. Предвидени се и електронска идентификација преку QR-кодови и проверки со вештачка интелигенција, со кои ќе се контролира правилното поставување и функционирањето на камерите.

Измените опфаќаат и дел од казните за неправилно паркирање. За паркирање на сообраќајни острови, на места за полнење електрични возила и за непочитување на одредени сообраќајни знаци, казната ќе биде зголемена од 30 на 60 евра. За овие прекршоци повеќе нема да се одзема возачката дозвола на 10 дена.

Построгите санкции за потешките прекршоци, меѓу кои и непрописното паркирање на места наменети за лица со попреченост, остануваат во сила, пренесува БТА.

Back to top button
Close