По исклучувањето на струјата на УКИМ, Јаневска уверува дека тоа нема да се повтори на друго место

По исклучувањето на струјата во Ректоратот и на неколку факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје поради неплатени сметки, министерката за образование и наука Весна Јаневска уверува дека тоа нема да се случи во друга образовна институција. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 таа вели дека долговите се натрупувале со години и дека Министерството ги подмирува според своите можности.
„Точно е дека имаме долгови, но не ги направивме тие долгови ние во 2,5 години. Значи, долгови се влечат многу одамна. Односот каков бил не сакам и не можам да коментирам, но ние ги сервисираме тие долгови повторно според нашите можности“,
рече Јаневска.
Прашана за колку месеци не се платени сметките за струја на УКИМ, министерката одговори: „Не ме фаќајте за збор, мислам дека сега ќе плаќаме за септември“.
Според пресметката на „360 степени“, врз основа на извештаите на Министерството за финансии за пријавени доспеани долгови заклучно со септември, на институциите од областа на образованието и науката отпаѓаат околу 15 милиони евра од вкупно 720 милиони евра внатрешен долг. Јаневска рече дека во моментот нема точен податок за вкупниот долг. Кај универзитетите, според неа, главно станува збор за режиски трошоци, а дел од општините должат за превоз на ученици.
„Нема да се случи на друго место да ја исклучат струјата, затоа што ние сервисираме редовно. Во контакт сме со надлежната институција и се договараме како да ја сервисираме струјата. Немојте да заборавите дека првата моја изјава беше дека кога јас станав министер и кога влегов првиот ден во МОН, информацијата беше дека МОН должи 5 милијарди денари“,
рече Јаневска.
За ученичкиот превоз се разгледуваат меѓуопштински линии и поделба на трошоците
За бесплатниот превоз на учениците, кој е во надлежност на локалната самоуправа (со пари од блок-дотациите), Јаневска вели дека проблем е и начинот на кој се избираат превозниците.
„Јавна тајна е дека одреден број превозници добро спечалија од мерката бесплатен превоз на учениците поради начинот на кој нели се избираат одредени превозници, а можеби и поради други некакви активности“,
рече таа.
Како можни решенија министерката посочи воведување редовни меѓуопштински линии и поделба на трошокот за превоз по ученик. Го наведе примерот со средно стручно училиште во кое учат деца од повеќе околни општини, а трошокот за нивниот превоз го сноси општината во која се наоѓа училиштето.
„Конкретно мислам дека на пример може да има редовни меѓуопштински линии. Конкретно мислам на тоа дека општините може да го поделат трошокот по ученик, оти формулата е покрај сè друго и по ученик – трошоците по ученик може да ги поделат општините“,
рече Јаневска.
Одлука за моделот сè уште нема. Според Јаневска, градоначалниците треба да подготват неколку предлози и да ги претстават на следен состанок во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).






