Муцунски : Герапетритис јавно го кажа тоа што и ние како Влада го кажуваме, дека имаме сериозен напредок на патот кон полноправно членство во ЕУ

Ме радува тоа што министерот Герапетритис јавно го кажа тоа што и ние како Влада го кажуваме, дека ние имаме сериозен напредок на патот кон полноправното членство во Европската Унија. Нормално е кога имате билатерални средби да зборувате за што е позитивно и за предизвици коишто ги има во билатералните односи и да, зборувавме за тие предизвици, како да наоѓаме решенија на истите во добра верба и земајќи предвид дека имаме многу повеќе што може да нè обедини, отколку она што може да нè подели, истакна за МИА министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по состанокот во Атина на групата „Пријатели на Западен Балкан“.
Министерот Муцунски учествуваше на дискусиите на самиот министерски состанок, а во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека конкретната група земји навистина се пријатели на регионот и „принципиелни поддржувачи на проширувањето“, но и земји кои во однос на ситуацијата на Македонија сметаат дека „на билатерализацијата треба да ѝ се стави крај“.
Посочи дека нема сомнеж дека „ова е група на земји кои имаат разбирање за нашите позиции“.
На маргините на состанокот, шефот на дипломатијата оствари одделни билатерални средби со неговите колеги од Унгарија и Грција, а за разговорите со Герапетритис објасни дека зборувале за проектите што се од заедничко значење, како што се „инфраструктурното и енергетското поврзување, силните економски и трговски односи меѓу двете држави, добрите политички односи коишто работиме постојано да ги надградиме, но и да работиме заеднички да изнаоѓаме решенија на дел од предизвиците што ги имаме“, а било отворено и прашањето со проблемот со транспортерите.
На почетокот на состанокот, осврнувајќи се на напредокот што го постигнаа земјите-кандидатки за членство во Европската Унија, Герапетритис, како што веќе објави МИА, рече дека „Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспекти на реформата на јавната администрација“ и упати честитки до Муцунски.

– Министре, учествувавте на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“, но одржавте и билатерална средба со вашиот грчки колега, за кои теми разговаравте и како конкретно очекувате Грција да не подржи и да ни помогне на патот кон Европската Унија?
– Пред сè задоволство е да се биде денес во Атина, форматот Пријатели на Западен Балкан, еден значаен формат за целокупниот регион, пред сè бидејќи се работи за група на земји-членки на Европската Унија, коишто се вбројуваат во група на принципиелни поддржувачи на проширувањето. Тоа се земји коишто работат активно да дадат максимален инпут за сите ние да постигнеме нашата крајна цела, а тоа е полноправно членство во Европската Унија. Во контекст на ова, на денешниот состанок, на два различни панели дискутиравме за повеќе од предизвиците на регионот, но и како заеднички ќе ја димензионираме политиката за проширување и тие што се внатре во Унијата и ние надвор од нејзе и затоа сметам дека е посебно значајно што токму Грција беше домаќин.
Да, имав можност да остварам билатерална средба со мојот колега Герапетритис, каде што зборувавме за билатералните односи, за проектите што се од заедничко значење, тоа е пред сè инфраструктурното и енергетското поврзување, силните економски и трговски односи што ги има меѓу двете држави, добрите политички односи коишто работиме постојано да ги надградиме, но и да работиме заеднички да изнаоѓаме решенија на дел од предизвиците што ги имаме. На пример, една таква тема којашто ја отворивме и за која бараме заедничко решение е сè уште актуелната тема поврзана со нашите транспортери.
Така што зборувавме и во позитивна смисла, но и за она што треба понатаму подобро да го направиме.

На почетокот на состанокот, Герапетритис упати пофални зборови за напредокот на нашата земја во повеќе области. Дали можеби разговаравте и за предизвиците во билатералните односи?
– Сметам дека денешниот ден беше во едно позитивно светло не само за нашата држава, туку и за целиот регион. Да, ме радува тоа што министерот Герапетритис, мојот колега јавно го кажа тоа што и ние како Влада го кажуваме, дека ние имаме сериозен напредок на патот кон полноправното членство во Европската Унија. Нормално е кога имате билатерални средби од таков вид да зборувате за што е позитивно и за предизвици коишто ги има во билатералните односи и да, зборувавме за тие предизвици, како да наоѓаме решенија на истите во добра верба и земајќи предвид дека има многу повеќе што може да нè обедини, отколку она што може да нè подели.

Еврокомесарката за проширување пред почетокот на состанокот ја повтори поддршката за ЕУ перспективата дали имавте можност да разговарате за ситуацијата во која Македонија се наоѓа поради блокадата, дали наидовте на разбирање кај пријателите од Западен Балкан за нашите позиции?
– Нема никаква дилема дека, барем, оваа група на земји членки има апсолутно јасен став дека на билатерализацијата треба да се стави крај. Јас немам сомнеж дека ова е група на земји кои имаат разбирање за нашите позиции и, секако, за овие теми се дискутираше иако ќе повторам, денешниот ден беше посветен на целокупниот регион. Една многу значајна порака што регионот ја доби деновиве, е дека, иако меритот е значаен, иако меритот по сите аспекти е значаен, најзначајни се две области. Прва е делот поврзан со основните прашања, тука мислиме на владеење на правото, доброто владеење, борбата против корупцијата, тука се става посебен фокус, а еднакво значаен е делот на усогласеноста на надворешната политика, односно на нашата усогласеност со ЗНБП, со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и тие се две области на коишто се става максимален фокус и за коишто нема да се дозволи ниту милиметар отстапување и во фазата на преговори.
Така што, тука се нашите приоритети, тука ние максимално работиме, имаме уште многу што треба да правиме, но сметаме дека добивме и јасни насоки за каде треба да се стави фокусот, зборувам не само индивидуално за нашата држава, туку и како регион, да видиме што е можно поуспешно.






