Заминување на баронот

 

 

 

 

Барон Минхаузен, најславниот лажго во светската литература не е измислена личност. Германскиот писател Г.А. Биргер го овековечи својот јунак. Кај нас не постои благородничка титула барон, но тоа не значи дека нема личности кои се поигруваат со вистината. Пред Богојавление, еден таков „барон“ се појави и кај нас, нормално со помош на светиот дух. Но, тој не е единствен. Приказнава тоа и ќе го покаже. Аванти.

 

Ако некој во својата 28 година стане советник за национална безбедност на претседател на држава, кој што исто така беше млад и неoпитен, посебно во надворешната политика, тогаш логично се поставува прашањето за критериумите за заземање на така значајно место, посебно во еден нестабилен период, клучен за иднината на нашата држава. Во тој ист период, крајот на деведесеттите, за прв пат се сретнав со терминот “наше дете” како аргумент за препорака и извршување на значајни места во дипломатијата. Таков атрибут се даваше од личностите од највисокиот политички врв. Носителите на таквата партиско – квази роднинска „титула“, се препознаваат и ден – денес. Имав чест да му бидам и претпоставен на едно такво „наше дете“. Тој од  функција на амбасадор во Прага, каде што беше испратен со посебен мандат, избега од државата.

 

Поранешниот МНР на РМ, а потоа и вице-премиер за ЕУ, откако не се најде на листата на идниот премиер, во драматичното обраќање кон јавноста наведе дека не се повлекол самиот, дека имал сериозна битка внатре во владата, особено во последниве неколку години во однос на националните позиции, посебно во однос на проблемот со Бугарија, па обвини дека токму заради тоа сакаат да го замолчат. Поентираше дека сега е надвор, мисли надвор од владата, но и натаму со народот, па може слободно да зборува, бидејќи “гајлето што го носел како член на владиниот тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе немало да го носи сам”. Ова со гајлето не е многу јасно, па и на читателите не треба воопшто да им е гајле за тоа.

 

Трпеливи читатели, прочитавте многу реакции за овој скандал.Јас се определив, како впрочем како и секогаш, за  дипломатскиот аспект на меѓусебните обвинувања и контрадикторните реакции.

 

Да почнам со синтагмата “наше дете”. Поранешниот МНР и вице-премиер за ЕУ заборави дека неговата ДНК анализа покажува дека тој е “вмровски дете”, генетски и политички. Барем да молчи, а не да потенцира дека никогаш немал партиска книшка, демек формално не се зачленил и не плаќал членарина. Дали тоа значи дека само после три години работа во МНР (1996), поточно во Директоратот за меѓународно-правни односи, како деск офицер, се станува заменик министер за надворешни работи (министер е А. Димитров), а веќе после една година и советник на претседателот Б. Трајковски за национална безбедност? Потоа, само по една години давање акал на претседателот на државата и тоа за национална безбедност (токму во време на војната во РМ која ние еуфемистички ја нарекувавме “конфликт”) Димитров  во декември 2001 е именуван за амбасадор на РМ во Вашингтон на свои 29 години. Во Вашингтон останува незабележан до 2006, па потоа поминува три години надвор од МНР (нормално, не по своја волја) и се жртвува извршувајќи функции на национален координатор за ЕУ и НАТО, координатор за името во разговорите со Грција и ко-агент на РМ пред Меѓународниот суд во Хаг (тужба за кршење на Спогодбата од 1995). Сето време како составен дел од кабинетот на премиерот Груевски од ВМРО-ДПМНЕ и тоа како именуван функционер во најнепосредна близина на тогашниот шеф на владата. Во 2009 е именуван за амбасадор на РМ во Хаг, секако на листата на политички именувани амбасадори, а не на професионалците од зградата на МНР, каде што треба да остане до 2013, но мандатот му е продолжен.Остана енигма зошто еден елитен наш дипломат после амбасадор во Вашингтон оди во дипломатска провинција,што е деградирање,ама претходно добро смислено. Во 2014 наводно му е понудено амбасадорско место во Москва, но тој го одбива, веројатно од идеолошки причини. Да ве потсетам дека таткото и синот (Гете) во исто време (2002-2003) беа амбасадори, сениор во Москва, а јуниор во Вашингтон, па имаа можност да го користат популарниот “црвен телефон”. Сјаен успех на дипломатскиот камелеон.

 

Круна на успехот доживува како поддржувач на месијата Заев. Цезаровски пристигнува од Хаг соло, заборавајќи го амстердамското трио. Институтот во кој вадеше корка леб веднаш пропадна поради коруптивни дејности, па тој целосно  се посветува на шарената револуција. Го менува дресот и бива награден со министерско место во владата на СДСМ и ДУИ. Конечно е на вистинското место, сметаше тој. А, толку долго чекаше. Заев и останатите не проѕреа дека, всушност им пристигна тројанскиот коњ, овој пат не по препорака на грчкиот шпиун Синон, вистинскиот јунак на спалувањето на Троја, односно разградувањето во ткн. социјалдемократска партија. Премиерот, беше разбирливо импресиониран од водечкиот македонски дипломат, исто како што поранешниот премиер Љ. Георгиевски беше маѓепсан од волшебничките вештини на еден друг барон (знаете добро чиј прекар во детството било токму барон Минхаузен). Заев сметаше и дека со поставувањето на еден вмровец за шеф на дипломатија, ќе придобие и дел од незадоволните гласачи од спротивниот  табор. За ДУИ Н. Димитров беше прифатливо решение, како впрочем и С. Пендаровски како претседателски кандидат, макар што сонот на ДУИ македонската дипломатија да ја води Албанец им се оствари дури после три години, кога министерот Димитров го напушти ресорот за надворешни работи и се преориентира кон ЕУ, а докторот Османи ја напушти вице-премиерската позиција и ја презеде функцијата МНР на РМ. Причините се чисто партиски пазарлак, на кој Н.Д. не реагираше тогаш, туку откако го заобиколија, односно што би рекол Његош “у зло доба кад му време није”. Во тој момент СДСМ имаше подобро сопствено решение од Н.Димитров, личност која неодамна се повлече од партискиот врв, а и ја изгуби министерската фотелја во владата на техничкиот премиер. Со заземањето на функцијата шеф на македонската дипломатија, СДСМ го растури Дипломатскиот совет, а како алтернатива беше формиран ткн. Дипломатски клуб, а подоцна и Совет на Амбасадори, составен од пензионирани амбасадори, кој што од самото свое формирање се однесува исклучиво апологетски кон актуелната власт. Мотивот зошто бараа и остварија средба со  лидерот на ВМРО, К. Мицковски, нема  никаков професионален карактер, туку е проѕирно лицемерие.

 

Н. Димитров беше свестен дека успешниот градоначалник не располага во својот партиски тим, со доволно опитни дипломати. Исто  мислење има(ше) и за кабинетот на Претседателот. Затоа се одлучи да формира “јак” кабинет, дипломатски будоар, Фарадеев кафез во кој ги смести своите дипломатски гавази, чувари на интимноста на дворот, послушници, носители на рачниот багаж на нашиот Кисинџер. Тој, Димитров навистина се поистоветуваше со легендарниот американски дипломат и за себе мислеше дека е министер од  голем калибар. Кабинетот ги замени колегиумите и директната соработка со раководителите на директоратите. Не сум сигурен и дали ги читал телеграмите од нашите дипломатски претставници, што пак не е и голем пропуст. Одлуките се негова креација, а рејтингот во Владата по прашањата на надворешна политика му беше висок, со оглед дека го биеше глас дека е американски, а можеби и англиски ученик (што е исто), а ние сме нели стратегиски определени кон САД. Спрема своите колеги надвор покажуваше лакејски однос и се однесуваше како да се работи за стари другарчиња, кои  редовно ги ословуваше како „мојот драг пријател“, иако најчесто ги беше сретнал само по еднаш додека си ги бараат имињата пред семејната фотографија на некој самит. За дамите имаше секогаш длабок поглед на латински љубовник и често балкански ги гушкаше, како дел од дипломатската тактика. Тие возвраќаа со кисела насмевка, која тој ја толкуваше како одобрување на неговата професионална и лична агенда.

 

Н. Димитров веднаш сфати дека како МНР на РМ мора да направи нешто значајно со што би му се отворил патот до неговиот сон да стане претседател на државата. Си мислеше „ако може Пендаровски, зошто пак јас не би можел“. Но, со што да се започне. Па, со решавање на проблемот со Грција околу името, тема која  добро му е позната, како и причините поради кои беше сменет од функцијата како специјален претставник на РМ за името во спорот со Грција. А причината беше неговиот тогашен „либерален“ став околу многубројните предлози за надминување на проблемот, покажувајќи разбирање за грчките позиции.

 

Од таа појдовна позиција како МНР активно се вклучи во реализација на Преспанскиот договор. И успеа. Заев ја симна вратоврската и му ја подари на Ципрас, а Димитров три пати по српски се бакна со колосот Коѕијас. И тaка влезе во историјата. Многу аналитичари, политичари, и ткн. новинари дадоа своја оценка за Договорот, нарекувајќи го историски. Да, тој е историски затоа што Македонците во Грција сега се засекогаш замолчени. Но, ние сме во НАТО, а и ЕУ ни се потсмевнува. Бугарија сега индиректно признава дека не требаше да се потпишува Договор за пријателство со РМ, то ест пред да се склопи Конечната спогодба со Грција. После им текна, макар што јас цело време укажував дека Атина и Софија соработуваат околу прашањето за името и идентитетот на Македонците. Прв укажав дека се работи за изумот на Архимед за споени садови, овој пат дипломатски и политички. Развојот на настаните сето ова го потврди.

 

После Преспа Димитров леташе на крилјата на славата, како галебот Џонатан Ливингстон, но очигледно со неговите прилепени крила многу блиску се доближи до сонцето. Епилогот на приказната на Бах е позната. Нашиот Џонатан е во слободен пад без никакви шанси да се приземји без посериозни последици.

 

После Преспа и членството во НАТО, Димитров се сврте кон Брисел во кој се чувствуваше како дома. Сите му беа драги пријатели, посебно германските дипломати. На француските по малку забораваше. Макрон и неговиот човек во Скопје редовно го потсетуваа кај лежи зајакот. Им држеше лекции во Брисел. Укажуваше на клаустфобичните последици, доколку останеме надвор од ЕУ, бидејќи сме ги исполниле сите услови, посебно оние околу реформите на правосудството.

 

Бугарија, откако добро го проанализира Преспанскиот договор, а посебно членот 7, дигна рампа за почеток на преговорите. ЕУ тоа едвај го дочека. Бугарската дипломатија доминира во Брисел, а и во нашиот регион. Беше носител на активностите во контактите со Софија и креатор на нашите позиции со својот тим во МНР кој никогаш не го откривме. Неочекувано, нашиот најдобар дипломат и најдобриот МНР во историјата на РМ (изјава на премиерот Заев) прави голема рокада со тогашниот вице-премиер за ЕУ, Б. Османи кој го заменува Димитров како МНР, а тој го презема ресорот ЕУ во вице-премиерска функција, област која не му е непозната. Но, суета е суета која кај Димитров доминира. По инерција, од новата позиција се однесуваше како МНР, што на Заев не му пречеше, но му пречеше на спокојниот д-р Б. Османи. До формирањето на новата Влада, сè е јасно во однос на позицијата на Бугарија, па и реакциите на Грција, позицијата на Брисел, па конечно и нашата Резолуција во Парламентот, но нејасно е зошто се мистифицира дипломатскиот логаритам, познат како португалски предлог. Бугарскиот премиер Петков, дојде денеска (18.01) во Скопје без предлог, но со јасна порака до македонските власти од неговиот ментор Радев.Ние сме хедикепирани со отсаство на Н. Димитров и В. Бучковски, кое тешко може да се надомести.

 

МНР Б. Османи остана без супервизорот Димитров, самоповиканиот “чувар” на македонската кауза. Сега со големо гајле ќе го следи процесот на решавање на проблемот со Софија, моментално политички и дипломатски осамен (можеби ќе стане член на Советот на амбасадори), остана без своите многубројни надворешни поддржувачи кои се разочарани што премиер стана непознатиот Димитар, а не синот на познатиот Димитар. Остана без своите омилени дестинации, како на пример Лисабон (се разбира, не заради други причини, туку поради алгоритмот „5+1“), град кој го заобиколи министерот Османи и му даде предност на Мадрид (познато и зошто), ама без остра и забележлива реакција на вице-премиерот Димитров. Неговите сегашни ламентации во врска со однесувањето на МНР Османи се задоцнети. Задоцни, односно не се појави на седницата на Собранието  на која се избра нова влада, а старите министри имаа можност да зборуваат.

 

Никола  Димитров од институцијата Министерство за надворешни работи замина инкогнито.Ваков дипломатски бард заслужуваше diplomatic farewell  во присуство на целот дипломтски кор со специјалниот гостин , врсникот му М. Рот.  Среќен ти пат.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close