ВМРО-ДПМНЕ креира хистерија за Бугарија, а ја одби поканата за работните групи, вели Ковачевски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ креира само хистерија во врска со разговорите со Бугарија, а од друга страна ја одби поканата што ја доби за работните групи формирани помеѓу двете влади, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ги вчерашните изјави на Христијан Мицкоски за неговата загриженост зошто нема единство во парламентот за декларацијата за Гоце Делчев.
„Вчерашната изјава сметам дека не е воопшто искрена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е креирање хистерија во однос на разговорите со Република Бугарија. Исто така, во рамките на подготовките за работните групи кои ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на бугарската влада упативме покана и до опозицијата која беше одбиена. Во однос на единството, единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом кој претставува дом на сите граѓани кои се застапени со пратеници. Доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации, со кои единствено се попречува процесот на разговори кои се водат во духот на европските вредности, ќе го задржи достоинството на сите граѓани, тие го прават токму спротивното – изјави Ковачевски.
Мицкоски во вчерашниот говор при давањето отчет за работата на градоначалниците рече дека неговите најголеми грижи се за националните предавства затоа што нема единство за Гоце Делчев во парламентот и тоа предавство, рече тој, „доаѓа од Македонецот од СДСМ“.
„Многу ми е криво што политичкиот естаблишмент на власта не најде за сходно да се утврдиме во нашата единствена неподелена тврдина Гоце Делчев, зошто неговата суштина на животен пат и борба беше обединувањето за слобода и самобитност, а не поделбите. Од таа гледа точка Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна. И затоа што на крајот, со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа што нас ни е најмило“,
рече Мицкоски во дел од говорот.