СДСМ: Арсовска измислува лажни афери, веб-страницата функционира
Данела Арсовска измислува лажни афери и ги објавува на истата веб-страница за која вели дека не работи, реагираат од СДСМ откако од ПР-тимот на градоначалничката информираа дека поднеле кривична пријава против лица од поранешното градско раководство бидејќи, според тврдењата од актуелната градска власт, биле платени 75 000 евра за изработка на официјална веб-страница на градот која никогаш не профункционирала во целост.
„Данела Арсовска продолжува да измислува скандали и афери во обид да ја скрие сопствената неспособност и неработење. Згора на сè, истите лажни афери Арсовска ги објавува на веб-страницата на Град Скопје за која вели дека не постои. Очигледно е дека веб-страницата на Град Скопје функционира. Тоа што проектот се реализира во фази не е кривично дело, напротив – велат од СДСМ упатувајќи на линк од официjалната веб-страница на Град Скопје.
Од друга страна, пак, СДСМ ја прозиваат градоначалничката за објавен тендер за хостинг.
„Арсовска треба да одговори на граѓаните зошто објавила тендер за хостинг и одржување вреден речиси 10 000 евра и дали тоа не е премногу за овој вид услуга? Договорот е јавно достапен на Бирото за јавни набавки. Едно е јасно, секогаш кога Арсовска ќе биде фатена во лага, таа преку институцијата со која раководи поднесува неосновани кривични пријави и измислува афери. Градоначалничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ наместо да работи на реализација на мерки и проекти, таа бара оправдувања, се крие зад соопштенија и неосновани кривични пријави“,
обвинуваат од СДСМ.Од Град Скопје претходно на прес-конференција рекоа дека веб-страницата за која биле платени 75 000 евра никогаш не профункционирала во целост, односно Градот платил поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено.
Како што информираше Данијел Апостолоски од прес-службата на Данела Арсовска, кривичната пријава е за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата против поранешни и сегашни вработени во Град Скопје и тоа: поранешната генерална секретарка на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ; поранешниот помошник-раководител на Секторот за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху; раководителот на одделението за ИКТ-инфраструктура Никола Трајковски; и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник Влатко Васиљ.