Прво „Олд Фирм“ дерби надвор од Шкотска
Најголемите ривали во шкотскиот фудбал, Селтик и Глазгов Ренџерс, за првпат во историјата ќе играат меѓусебен дуел надвор од Шкотска, а тоа треба да се случи во ноември на турнир во австралискиот град Сиднеј, објави весникот „Сиднеј Морнинг Хералд“.
Покрај Селтик и Ренџерс, на турнирот „Сиднеј Суперкуп“ ќе учествуваат и австралиските прволигаши, Сиднеј и Вестерн Сиднеј Вондеререс, а натпреварите ќе се играат на стадионот „Акор“ со капацитет од 83.500 гледачи.
Турнирот ќе биде отворен на 16 ноември, во време кога во шкотската и австралиската лига е предвидена пауза поради Мундијалот во Катар.
Ренџерс и Селтик имаат 134 години долга историја на меѓусебни дуели познати под името „Олд Фирм“ и досега никогаш не играле меѓу себе надвор од Шкотска.