„Мојот син не знаеше дека оди во војна“- измамени војници во армијата на Путин
„Го измамија мојот син“, вели мајката на младиот руски војник Павел Абрамов. До последен момент не знаел дека ќе се бори во Украина. Слична е приказната и на Евгениј Ростовцев.
Со одлуката да започне војна против Украина за да ги спаси Украинците од „нацификација“, рускиот претседател Владимир Путин изненади многумина – а меѓу нив и сопствените војници. Ова станува јасно од сведочењето на руските војници заробени од Украина и од информациите на рускиот независен медиум Новаја Газета и други медиуми. Барем пониските чинови не знаеле ништо до последен момент.
„Го измамија мојот син“
Во обемна статија „Новаја газета“ ја раскажува приказната за двајца млади руски војници. Новинарите разговараа со мајката на 23-годишниот војник Павел Абрамов, кој учествуваше на воените вежби што се одржуваат во Белорусија. Всушност, тој немал желба да се приклучи на руската армија. Завршил универзитет и сакал да стане професор по англиски и француски јазик. Но, по студиите, морал да го заврши воениот рок, кој е задолжителен во Русија.
Веднаш бил повикан – иако имал рамни стапала и не бил во добра здравствена состојба. Во касарната бил принуден да потпише договор со војската. И така станал професионален војник, пишува Новаја Газета.
За време на воените вежби во Белорусија, Павел секојдневно се јавувал на мајка си. На 16 февруари ѝ кажал дека маневрите се завршени – четири дена порано од планираното. Сепак, Абрамов никогаш не се врати дома. Тој продолжил да ѝ се јавува и да и кажува како спиеле во воени коли, а потоа во шатори, како биле продолжени маневрите. Синот споделил и дека стигнале уште поблиску до границата со Украина. Неговата мајка го смирувала, велејќи му дека западниот печат лаже кога вели дека нападот е неизбежен. Вечерта на 23 февруари, неколку часа пред Путин да објави војна, Абрамов повторно се јавил: и рекол на мајка си дека нему и на другите војници им било кажано дека нелегално ја преминале границата со Белорусија и сега се „казнен баталјон“ и треба да ги нападнат Украинците.