Поради појава на фантомски гласачи Српската коалиција „Мораме“ бара итен состанок со опозициските партии

Во пресрет на изборите на 3 април, поштари во Србија доставиле стотици ливчиња за лица кои не живеат на посочени адреси, a кои се повикуваат на гласање. Српската опозиција смета дека тоа укажува на неажурирани избирачки списоци и можност за изборен фалсификат и манипулација. Државната управа повикува сите несоодветни гласачки ливчиња да ги пријават во МВР.
Републичката изборна комисија на 20 март објави дека вкупниот број гласачи во Србија е 6.501.689, законскиот рок за ажурирање на избирачкиот список е 30 март, а Министерството за внатрешни работи, пак, тврди дека не се поднесени пријави.
Опозициската зелено-левичарска коалиција „Морамо“ (Мораме) ги повика сите опозициски партии, потписници на „Договорот за одговорна Србија“, на итен состанок утре поради масовното појавување на позивни ливчиња во поштенските сандачиња во Белград и низ Србија до луѓето кои не живеат на тие адреси.
– Режимот е во паника и се подготвува за изборни манипулации – наведуваат од коалицијата „Морамо“ и ги повикуваат граѓаните кои добиваат вакви повици на нивните адреси да ги фотографираат.






