ЕУ смета дека пресудата против руската новинарка Прокопиева е неоправдана

Европската Унија реагира на пресудата против руската новинарка, Светлана Прокопиева, осудена на казна од шест илјади евра за “апологија на тероризмот“ од страна на рускиот суд, јави дописничката на МИА од Брисел.

Прокопиева беше обвинета затоа што изјавила дека терористичкиот напад врз зградата на руските безбедносни служби во 2018 бил последица на политичката и социјална ситуација во земјата и на постојаното ограничување на слободата на руските граѓани.

Начелно обвинителството бараше и затворска казна за Прокопиева и забрана да се занимава со новинарство четири години.

Европската Унија денеска оцени дека паричната казна од шест илјади евра изречена против Прокопиева е неоправдана.

-Обвинението против Прокопиева е доказ за сѐ потесниот простор за независното новинарство и граѓанското општество во Руската Федерација во последните години. Инциденти на заплашувања, закани, и насилство против новинарите редовно се соопштуваат, додека фундаменталните слободи на изразување и на медиумите во земјата строго се репресирани и ограничени, вклучително и преку политички мотивирани апсења и судски процеси како случајот против госпоѓата Прокопиева, реагира денеска дипломатската служба на Европската Унија,

ЕУ ја повика Русија да обезбеди безбедна средина за работа за новинарите, во која нема да се плашат од последици и да ги почитува своите меѓународни обврски во однос на слободата на медиумите. 

Back to top button
Close