Наместо да ги покачи платите во образованието, власта врши притисоци и закани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Власта на СДСМ и ДУИ наместо да одговори на логичните и оправдани барања за повисоки плати на вработените во образованието, врши притисоци и закани, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако вчера Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) истакна оти штрајкувачите во две третини од градинките во земјава се соочуваат со силни притисоци и мобинг.

„Тоа што го говорат синдикалците е само уште еден показател на целокупното владеење на СДСМ. Тие проблемите ги решаваат со закани, заплашувања и притисоци – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вработените во образованието, додаваат од партијата, оправдано бараат повисоки плати бидејќи тоа им следува согласно Колективниот договор.

„Власта наместо со закани треба да им одговори на просветарите како е возможно да нема пари за повисоки плати, а да има милион евра за криминални физибилити студии, 2 милиони евра за мебел, цвеќиња, ф’стаци и хотелски услуги и 2,5 милиони евра за службени возила – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно вчера, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, на прес-конференција истакна оти вработените во две третини од градинките во земјава се соочуваат со, како што рече, стравотен мобинг и притисоци.

Тој во своето обраќање посочи дека вработени во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку писма им се заканувале и им кажувале како треба да се однесуваат на вработените во детските градинки.

„На тие писма што се упатени кон градинките не стои ниту име, ниту презиме, ниту потпис и печат. Тоа се неформални писма, испратени од адресата на еден службеник од МТСП до сите градинки, со потсетување до директорите на градинките како треба да постапат, дека по закон треба да работат осум часа, дека ќе им бидат скратени дневници и слично“,

рече вчера Неделков посочувајќи со какви притисоци се соочуваат вработените во градинките за време на генералниот шрајк.

Тој истакна оти нема потреба некој од МТСП да ги потсетува вработените во градинките какви се нивните обврски за време на штрајк и додаде дека тоа што се случува е жесток притисок врз штрајкувачите во градинките кои, како што истакна, имаат апсолутно право да го изразат своето незадоволство.

Денеска е петтиот ден откако СОНК во понеделникот го започна својот генерален штрајк во основните, средните училишта и градинките ширум земјава.

По неуспешната рунда преговори помеѓу МОН и СОНК пред два дена, вчера министерот за образование Јетон Шаќири рече оти бара разбирање од синдикатот и паралелно продолжување на преговорите за повисоки плати, но и продолжување на наставата во училиштата.

СОНК, пак, го одби тоа барање и рече оти до прекин на штрајкот е практично невозможно да се дојде без конкретен предлог од Министерството.

Back to top button
Close