Прилепчанец се обидел да ја убие поранешната сопругата
Маж на возраст од 47 години се обидел да си ја убие сопругата нанесувајќи ѝ неколку убодни рани со нож во телото и ногата, информираат од Јавното обвинителство – Прилеп.
Според овие информации, осомничениот од појасот извадил нож и ја ранил сопругата, но во тој момент бил совладан од тројца соседи кои го изнеле од куќата и го спречиле убиството.
„Постои основано сомнение дека тој на 20 јуни, при вршење семејно насилство, во куќа на улицата ‘Дабничка’ во Прилеп, со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата поранешна сопруга. Утрото на критичниот ден, тој дошол во куќата во која живеела оштетената, се качил во собата каде што спиела и најпрвин започнал да ја дави со рацете околу вратот и да ја удира со тупаници по главата и по телото. Во тој момент пристигнала нејзината мајка која се обидела да го оттргне, но осомничениот ја турнал. Од појасот извадил нож и на поранешната сопруга ѝ нанел неколку убодни рани во телото и ногата. Потоа бил совладан од тројца соседи кои го изнеле од куќата и го спречиле да ја оствари намерата – соопштија од Обвинителството.
Јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност тој да избега, да влијае врз сведоците и оштетените или да го реализира обиденото кривично дело.
Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, додаваат од Обвинителство.