Се шири миризба од ОХИС, од Инспекторатот велат дека доаѓа од големата депонија со линдан

Поради зголемување на температурите можно е во одредени временски интервали да се јавува непријатен мирис, кој потекнува од големата депонија и оваа состојба е години наназад. Големата депонија локациски се наоѓа веднаш до малата, која се чисти. ДИЖС континуирано врши инспекциски надзори – 15 дена нема активности во шаторот-мала депонија, велат од надлежниот Инспекторат

Од ОХИС се шири зашеметувачка миризба, реагираат граѓани кои поминуваат покрај некогашниот хемиски гигант, каде, пак, непрописно се депонирани илјадници тони остатоци од канцерогениот линдан.

„Има неверојатна зашеметувачка реа. Доколку чекате со отворен прозор на семафорите или сте во близина на овој објект, ќе сфатите дека се работи за сериози индикации за испуштање на токсични материи. Секое мое застанување на овој семафор го имам идентичното солзење на очи, распарувачки здив и чувство на опасност“,сведочи граѓанин за „360 степени“ и прашува дали се контролира процесот на чистење на линданот во малата депонија.

Пријави од граѓани стигнале и до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), од каде велат дека неделава излегле на терен и констатирале дека во моментов нема активности на малата депонија, а миризбата која повремено се јавува, особено при високи температури, е од големата депонија, за која засега ниту има пари да се исчисти, ниту е соодветно покриена.

Од надлежниот инспекторат соопштија и дека со две мониторинг-станици следат евентуални нарушувања на квалитетот на воздухот надвор од ОХИС, за, доколку дојде до надминување на граничните вредности, да се преземат дополнителни мерки за заштита на локалното население.

Едната мониторинг-станица е во кругот на основното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Лисиче, а втората во кругот на Македонско еколошко друштво (МЕД) во близина на Цементарница Усје. Бидејќи во нашето законодавство не постојат дефинирани гранични вредности, Инспекторатот мери просечни неделни концентрации по методологија базирана на меѓународни искуства. Според таа методологија, нема надминување на граничните вредности.

„Според стандардните постапки за следење на концентрациите на различните HCH изомери во воздухот, истиот се собира на полиуретанска пена (PUF), со помош на пумпа за воздух со познат проток во текот на една недела, а потоа се врши анализа на количествата на НСН изомерите на PUF-от и се пресметуваат просечни концентрации на истите во воздухот за мерниот период.

Достапните резултати од мерењата се однесуваат на периодот 11.4.2022 до 13.6.2022 г., и според претходно опишаната методологија, се однесуваат за просечни неделни концентрации. Не постојат дефинирани гранични вредности за концентрација на линданот во националното законодавство, но затоа се користат веќе дефинираните гранични вредности развиени во рамките на студиите за проценка на ризик за фабриката ОХИС изработени од реномирани консултантски компании, а се базирани на меѓународни гранични вредности за квалитет на воздух при ремедијација на локации со линдан.

Во целиот период на следење на квалитетот на воздухот на двете мерни места во околината на ОХИС, откако се започнати активностите во малата депонија, измерените концентрации на сите изомери на HCH се под нивото на нивните гранични вредности“,соопшти ДИЖС.

фото: ДИЖС; Локации на мониторинг точките за мерење на квалитет на воздух во однос на содржина на линдан при ремедијација на малата депонија во ОХИС

Во дворот на ОХИС, остатоците од некогашното производство на линдан се депонирани на две места т.н. голема и мала депонија. Процесот на чистење на линданот е започнат само во малата депонија, која е покриена со специјален шатор, токму за да се спречи аерозагадување.

Но, големата депонија која е далеку погабаритна, уште на времето е непрописно покриена, па затоа од ДИЖС велат дека, всушност, оттаму е миризбата.

„Поради зголемување на температурите можно е во одредени временски интервали да се јавува непријатен мирис кој потекнува од големата депонија и оваа состојба е години наназад, а оваа депонија локациски се наоѓа веднаш до малата депонија каде се изведуваат активностите. ДИЖС континуирано врши инспекциски надзори, а во моментов 15 дена не се изведуваат активности во шаторот-мала депонија. За сите активности ДИЖС е во координација со МЖСПП, Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи и сите изведувачи на проектните активности“,велат од ДИЖС.

„360 степени“ пред два месеца влезе во шаторот со кој е изолирана малата депонија, за да провериме како се одвива процесот на чистење на линданот.

Во изјава за нашата видео сторија, директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, беше дециден дека загадување од малата депонија нема. Тој и тогаш посочи дека проблем е големата депонија, од каде понекогаш се регистрира миризба, особено кога е потопло.

„Таа (големата депонија) е покриена, на нејзе има глина, почва и има фолија претходно ставено. Најверојатно дел од фолијата е распадната“,кажа Стојковски во интервјуто.

извор: 360.mk

Back to top button
Close