Кирјас со остар настап пред европските либерали: ЕУ мора повторно да стане атрактивна и да престане со надменост!

На состанокот на европските либерали во Даблин за време на неформалниот самит на ЕУ, претставникот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Емил Кирјас, испрати остра, директна и отрезнувачка порака за улогата на Европската Унија во современиот геополитички поредок, истакнувајќи дека времињата на безусловно следење на европските лидери се минато, а граѓаните во регионот сè погласно ја гледаат хипокризијата и недостигот на конкретни резултати.
Кирјас ги повика европските колеги да ја прифатат новата глобална реалност, нагласувајќи дека четврт век подоцна светот е далеку покомпетитивен и дека Европската Унија повеќе не е единствениот „производ“ на светската сцена.
„Мораме да сфатиме и да прифатиме дека 2026 година не е 2001 – 25 години подоцна светот изгледа многу поразлично и е далеку покомпетитивен. Ако порано единствената опција и модел што можеа да го видат граѓаните беше европскиот модел, денес на пазарот постојат и кинески, и руски, и турски модел, па во последно време и американски модел кој е различен од европскиот. За нас, особено за либералите, европскиот модел на благосостојба, економски развој, слобода на говор, просперитет и гарантирање на правата е најдоброто решение. Но, не можеме да очекуваме дека граѓаните секогаш слепо ќе ги слушаат своите лидери, нема да ги следат вестите и нема сами да носат одлуки за тоа кој е способен да преземе решенија, да го исполни ветеното, да гледа визионерски и да проектира моќ на светската сцена“, порача Кирјас во Даблин.
Тој предупреди дека европските институции се наоѓаат во состојба на самоодрекување од глобалната реалност и веќе не се доживуваат како морализирачка сила во регионот.
Како што објасни пред присутните, дури и во Македонија веќе не се зборува само за формално членство во ЕУ, кое за многу граѓани стана непривлечен поради долгогодишните блокади и неисполнети ветувања, туку за градење држава според стандардите на земји како Бенелукс, Данска, Ирска или Естонија.
– Advertisements –
„Ако не направиме сѐ во наша моќ за повторно да ги направиме европската идеја и европскиот проект атрактивни, ќе имаме огромен проблем – не само со граѓаните, туку и со иднината на нашиот континент. Време е да престанеме да гледаме на нашиот проект како на единствена солуција во светот. Нашите граѓани сакаат да живеат просперитетно, да говорат слободно и да имаат правна држава, но тоа значи дека и на европско ниво сите мора да бидат подеднакво почитувани – без надменост, без надредување, без второкласни граѓани и без наметнување каде што само еден одлучува и ги суди другите, туку систем каде што сите си помагаме еден на друг. Колку побрзо го направиме тоа, толку ќе биде подобро за сите нас во Европа“, заклучи Емил Кирјас.






