Алијанса за Албанците: Заштедите на граѓаните не смеат да бидат доведени во ризик!
Соопштение на Алијанса за Албанците

Последните случувања со Алта банка во Битола нè потсетуваат на горчливите искуства од минатото. Граѓаните не го заборавиле скандалот со штедилницата ТАТ во 1997 година, ниту пропаѓањето на Еуростандард банка во 2020 година. Во двата случаи, последиците ги почувствуваа луѓето кои со години работеле и штеделе.
Денес, повторно имаме граѓани кои се загрижени за своите заштеди. Неприфатливо е еден пензионер или едно семејство да биде ограничено на повлекување само 10.000 денари неделно, кога тие пари можеби им се потребни за лекување или за други итни потреби.
Иако ситуацијата со Алта банка се разликува од претходните случаи, искуството со ТАТ и Еуростандард банка требаше да нè научи дека последиците од погрешните финансиски одлуки не смеат да ги плаќаат граѓаните.
Народната банка мора да објасни како било одобрено преземањето на банката, какви контроли биле спроведени и кога се очекува да бидат укинати ограничувањата.
Алијансата за Албанците бара итни мерки за заштита на штедачите и решение за граѓаните на кои итно им се потребни нивните средства.
Никој не смее да биде доведен во ситуација да ја моли банката за да си ги подигне сопствените пари.






