Кого штити Народната банка?

Зошто за Алта банка денес има време, заштита и шанса за нов сопственик, а за Еуростандард банка во 2020 година имаше само одземање на дозволата и стечај?

Шест години постојано прашувам зошто и се одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка и зошто НБРМ не се обиде со други механизми да ја стабилизира банката во моменти кога сопствениците вложуваа сериозни средства за докапитализација на банката.

Актуелниот пример со Алта банка од Битола, на која во матичната земја Србија и беше одземена лиценцата, исто како и во Црна Гора, а само НБРМ во Македонија воведе администрација за банката да продолжи да работи и да се зачува нејзиниот имот, недвосмислено покажува дека НБРМ има и други алатки и механизми пред стечајот.

Ако НБРМ навистина сакала да го заштити банкарскиот систем во Македонија и правата на клиентите, можела да примени инструменти кои ќе ги заштитат и банката и луѓето.

Ако денес таквите инструменти служат за заштита на Алта банка и нејзините штедачи — зошто тие не беа применети и за заштита на штедачите, клиентите и сопствениците на Еуростандард банка?

 

Денес Народната банка интервенира за да зачува банка чиј квалификуван акционер е од странство и токму случувањата поврзани со тој акционер се причината поради која е воведена привремената администрација.

 

Добро е што се штитат штедачите. Луѓето. Така треба. Но тогаш имам право да прашам: Зарем македонските граѓани во 2020 година заслужуваа помалку заштита?

 

Зарем македонските компании кои имаа пари во Еуростандард заслужуваа помалку време?

 

Зарем вработените заслужуваа помалку шанса? Зарем домашниот капитал беше помалку вреден за заштита?

 

Тука приказната престанува да биде само приказна за мене. Но токму тука и јавноста треба повторно да го погледне мојот случај.

 

Со години јавноста ме гледаше првенствено како сопственик на банка која пропаднала. Но јас сум човек кој вложил сопствен капитал во оваа држава. Човек кој создавал компании, вработувал луѓе, инвестирал и помагал.

 

Човек кој, без разлика дали некој го сака или не, има право на едноставен одговор од институциите: Дали Народна банка направи сè што можеше пред да ја затвори банката?

 

Не барам привилегија. Не барам некој да биде амнестиран од одговорност.

 

Не барам институцијата да спаси банка која објективно не може да биде спасена.

 

Барам вистината да излезе на виделина, а убеден сум дека со тоа правдата ќе победи.

 

Ова е прашање на секој човек кој утре ќе ги стави своите пари во банка верувајќи дека државата има исти правила за сите. Затоа што довербата во банкарскиот систем не се гради само со капитална адекватност.

 

Се гради со еднаквост. Со предвидливост. Со институции кои на исти проблеми одговараат со исти принципи.

 

И со уверување дека кога ќе дојде кризата, државата нема да одлучува кого вреди да спаси, а кого може да го пушти да исчезне.

 

Ако одговорот е дека ситуациите биле различни — тогаш Народната банка треба јавно, прецизно и документирано да објасни која била таа разлика што во едниот случај оправдувала спас, а во другиот смрт на банката.

 

Со факти, дикументи и решенија. .

Затоа што на крајот зад секоја институционална одлука стојат безброј човечки судбини. За жал најчесто тажни, каква што се повеќе е оваа наша држава.

Јас продолжувам.

Back to top button
Close